вторник, 10 март 2026

Цената на нафтата падна по заканата на Трамп до Иран за Ормускиот теснец

Цените на нафтата денеска паднаа откако американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Иран да не го блокира Ормускиот теснец, клучен морски пат за глобалните енергетски испораки, вели Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ако Иран направи нешто што ќе го запре протокот на нафта низ Ормускиот теснец, ќе биде погоден од Соединетите Американски Држави дваесет пати посилно отколку досега“, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Во утринското тргување во Азија, брент-нафтата падна за 6,5 проценти на 92,46 долари за барел, додека американската нафта ВТИ се намали за 7 проценти на 88,15 долари.

Цената на нафтата во понеделникот достигна речиси 120 долари за барел, поради стравувањата дека американско-израелската војна со Иран може да предизвика долготрајно нарушување на испораките од Блискиот Исток. Но цените почнаа да паѓаат откако Трамп сугерираше дека конфликтот би можел наскоро да заврши.

„Имавме кратка епизода затоа што сметавме дека мора да се ослободиме од одредено зло. Но мислам дека ќе видите дека тоа ќе биде краткотрајна епизода“, изјави Трамп на прес-конференцијата во Флорида.

Падот на цените им даде на трговците краток момент за „да земат здив“, но енергетските пазари и натаму се во состојба на „целосно тегнење јаже“, вели Алберто Белорин од инвестициската компанија ИнтерКапитал енерџи.

Тргувањето со нафта ќе остане исклучително напнато, а цените би можеле нагло да скокнат ако конфликтот ескалира или да паднат ако се појават знаци за негово смирување, додаде тој.

Паралелно со падот на цената на нафтата, берзите во Азија пораснаа, бидејќи се намалија стравувањата од економските последици од конфликтот.

Јапонскиот индекс Никеј 225 порасна за 2,7 проценти, Ханг Сенг во Хонг Конг за 2 проценти, а јужнокорејскиот Коспи скокна за 5,5 проценти.

Ден претходно берзите во регионот беа силно погодени од стравувањата на инвеститорите дека нарушувањата во Персискиот Залив би можеле да предизвикаат повисока инфлација и раст на каматните стапки.

Ормускиот теснец е од клучно значење за светскиот енергетски пазар, бидејќи низ овој тесен морски премин минува околу една петтина од светската нафта.

Иако цената на нафтата падна од врвот достигнат во понеделникот, таа и натаму е околу 20 проценти повисока отколку пред почетокот на американско-израелските воздушни напади врз Иран пред нешто повеќе од една недела, изјави Парк Ки Хјун од Школата за меѓународни студии С. Раџаратнам.

Тој предупреди дека цените ќе останат нестабилни, бидејќи компаниите ќе наплатуваат дополнителна премија за транспорт на нафта поради ризикот од понатамошна ескалација на конфликтот.

Во меѓувреме, земјите од Г7 во понеделникот соопштија дека се подготвени да преземат „неопходни мерки“ за стабилизирање на глобалното снабдување со енергија.

Состанокот меѓу лидерите на Г7 и Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) заврши без конечна одлука дали ќе се ослободат нафтени резерви, иако таа можност била разгледувана.

Британската министерка за финансии Рејчел Ривс изјави дека Обединетото Кралство на состанокот повикало на итна деескалација на конфликтот на Блискиот Исток и гаранции за безбедноста на бродовите во регионот.

„Подготвена сум да поддржам координирано ослободување на заедничките резерви на нафта на ИЕА“, рече Ривс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ