Вчера беа откажани или одложени илјадници летови, додека политичките преговори во Сенатот сè уште се водат.
Според Федералната администрација за воздухопловство (ФАА), проблемите со смените на контролорите влијаеле на 42 кули и контролни центри, со доцнења во најмалку 12 големи градови, вклучувајќи ги Њујорк, Чикаго, Сан Франциско и Атланта. Вчера беа откажани околу 1.500 летови, а повеќе од 6.000 беа одложени.
Од безбедносни причини ФАА им наложи на авиокомпаниите да го намалат бројот на дневни летови за 4 отсто, а од вторник тоа намалување ќе се зголеми на 6 отсто, додека на 14 ноември ќе достигне 10 отсто.
Се предупредува и за можноста за дополнителни намалувања доколку ситуацијата се влоши. Контролорите на летање, кои ги има околу 13, како и 50 илјади вработени во безбедносните служби, работат без плата речиси шест недели, што предизвика зголемен број отсуства од работа.
Авиокомпаниите – вклучувајќи ги Американ ерлајнс, Делта, Саутвест и Јунајтед – веќе откажаа стотици летови и предупредија дека ќе биде речиси невозможно да планираат летови доколку проблемот продолжи.
Во исто време, во Вашингтон има политички ќорсокак. По рекордни 38 дена блокада на владата, лидерот на републиканското мнозинство Џон Тун одлучи да го одржи Сенатот во сесија во текот на викендот, надевајќи се дека притисокот ќе доведе до компромис. Но, ниту вчера вечерта не беше постигнат договор.
Републиканците, со поддршка на претседателот Доналд Трамп, инсистираат на „чист“ закон за финансирање на владата, додека демократите бараат вклучување на продолжувањето на субвенциите за здравствено осигурување (АЦА). Лидерот на демократите Чак Шумер понуди компромис – отворање на владата со едногодишно продолжување на субвенциите – но предлогот веднаш беше отфрлен како „неприфатлив“.
Сенаторот Џон Кенеди од Луизијана кажа дека Сенатот „се претворил во интергалактички циркус“, додека и демократите и републиканците признаа дека преговорите би можеле да траат барем до почетокот на следната недела. „Тие треба да бидат заклучени во салата додека не постигнат договор“, кажа демократот Бен Реј Лухан.
Сенатот треба повторно да се состане денес, но без закажани конкретни гласања. Во меѓувреме, ФАА предупреди дека доколку не се постигне договор, може да има дополнителни прекини во воздушниот сообраќај и намалување на летовите до 20 отсто.
Додека патниците низ целата земја се заглавени чекајќи на аеродромите, а стотици илјади владини службеници работат без плата, ниту републиканците ниту демократите не покажуваат знаци дека ќе попуштат.






