Најновото ажурирање од Стелантис, производител на Џип, Доџ, Фиат, Крајслер и Пежо, открива дека царините на Трамп веќе ја чинеле компанијата стотици милиони евра. Според првичните проценки, во првите шест месеци од 2025 година, Стелантис изгубил околу 300 милиони евра поради нето трошоците поврзани со царинските давачки, изјави финансискиот директор Даг Остерман.
Остерман за Ројтерс изјави дека вкупната годишна загуба би можела да достигне помеѓу 1 милијарда и 1,5 милијарди евра. Компанијата ќе ги објави финансиските резултати за првата половина од годината на 29 јули.
Шведскиот Волво Карс, еден од европските производители на автомобили најизложени на американските царини, минатата недела објави остар пад на оперативната добивка во вториот квартал. Оперативната добивка, без еднократните ставки, се намали од 8 милијарди шведски круни (302,3 милиони долари) на 2,9 милијарди, во споредба со истиот период минатата година.
Францускиот Рено во средата ја намали својата деловна прогноза за 2025 година и го назначи Данкан Минт за привремен извршен директор. Иако Рено нема директно присуство на американскиот пазар и досега е релативно заштитен од ударот од царините, компанијата сè уште ги чувствува ефектите од забавувањето на европската побарувачка и зголемената конкуренција од кинеските производители.
🚨🇫🇷 Shares of Renault, one of Europe’s largest automakers, are down 16% in Paris after weak earnings, guidance cut.
That is the biggest one-day drop in shares since March 2020. pic.twitter.com/VQczZUxJ9C
— Jesse Cohen (@JesseCohenInv) July 16, 2025
Неколку големи производители сè уште не ги објавиле своите резултати. Меѓу нив е и германскиот Фолксваген, најголемиот европски производител на автомобили, кој ќе ги објави своите резултати за првото полугодие во петок.
Во меѓувреме, Трамп дополнително го зголеми притисокот врз ЕУ, заканувајќи се дека ќе ги зголеми царините за увоз на европски автомобили од 25 отсто на 30 отсто почнувајќи од 1 август. Европската комисија размислува за одговор на тој потег.
Трамп, исто така, ги зголеми тарифите за увоз на челик и алуминиум на 50 отсто за повеќето земји. Овие материјали се неопходни за производство на трајни добра како што се автомобили и фрижидери, дополнително зголемувајќи го притисокот врз индустријата која во голема мера се потпира на глобализираните синџири на снабдување.






