недела, 7 декември 2025

Бугарија во проблеми со залихите на гориво, има доволно за еден месец

Бугарските стратегиски резерви на гориво во домашните складишта ќе траат околу еден месец, изјави шефот на државната агенција за резерви Асен Асенов, истакнувајќи дека околу половина се складира во странство.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Стратегиските резерви на бензин во домашните складишта се доволни за околу 35 дена, а резервите на дизел за повеќе од 50 дена, кажа Асенов во интервју за БТВ, пренесува Бугарската новинска агенција (БТА).

Бугарија во моментов речиси целосно го исполнува условот резервите на гориво да ја покриваат побарувачката за период од 90 дена. Но, само половина од овие резерви се наоѓаат на територијата на Бугарија, во приватни и складишта на агенцијата, а остатокот се чува во странство, објасни Асенов.

Меѓу другото, Софија ги чува своите резерви на гориво во Италија, Холандија, Унгарија, Словачка, Грција и Романија, и може, според Асенов, да ги испорача во рок од седум до 45 дена, доколку е потребно.

Законските обврски за складирање гориво не ги исполнуваат три приватни компании, кажа шефот на агенцијата, поради, како што навеле, недостиг на капацитет за складирање. Нивниот недостиг би покрил околу пет дена задолжителни залихи, додаде Асенов.

Околу 80 проценти од залихите што приватните компании мора да ги одржуваат моментално ги испорачува Лукоил, истакна Асенов, додавајќи дека државата ќе ги обезбеди потребните залихи без оглед на околностите во приватниот сектор.

Владата склучи договор со приватни компании за месечно следење на количеството и квалитетот на складираното гориво, соопшти шефот на државните резерви.

Рафинеријата на Лукоил во Бургас нема да престане да работи, истакна Асенов. „Дури и ако производството се намали или привремено се прекине, подготвени се опции за да се обезбеди дека нафтата ќе продолжи да се преработува во дизел и бензин“, додаде тој.

Во случај на криза, државата прво ќе ги пушти домашните залихи на гориво на пазарот, а оние складирани во странство ќе ги користи само доколку е потребно, кажа Асенов, истакнувајќи дека веќе презеле сите потребни чекори за да обезбедат стабилно снабдување со гориво.

Од друга страна, весникот Новините во статија за „кризата во снабдувањето со гориво“ објавува дека цените на горивата на бензинските пумпи продолжиле да растат по американската одлука за санкции против рускиот Лукоил, а цените на дизелот најмногу пораснале.

За да се спречи криза во снабдувањето, бугарскиот парламент по итна постапка пред десет дена го забрани извозот на петрохемиски производи, пред сè на дизел.

Минатиот петок парламентот усвои и закон по итна постапка кој предвидува назначување на специјален администратор за имотот на Лукоил во Бугарија и продолжување на сите деловни активности, вклучително и преработката на нафта, дури и по 21 ноември 2025 година, кога стапуваат во сила санкциите на САД против рускиот Лукоил.

Бугарската потпретседателка Илијана Јотова во саботата предупреди дека губењето на рафинеријата во Бургас ќе ја стави Бугарија во исклучително тешка ситуација.

Рафинеријата е од национално значење, па затоа бара многу повеќе од парламентарен консензус, кажа бугарската функционерка, заклучувајќи дека е потребен национален консензус.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ