Трамп денес во Давос, за време на Светскиот економски форум, го објави формирањето на Одборот за мир, кој првично требаше да го надгледува спроведувањето на мирот и обновата во Појасот Газа, но е проширен во иницијатива за која некои европски земји веруваат дека би можела да ги поткопа Обединетите нации.
Според ЕУ алајв, претходно оваа недела се појави информација дека до бугарскиот претседател Румен Радев е испратена покана за учество во Одборот за мир. Сепак, Радев потоа објави дека поднесува оставка за да се посвети на партиската политика.
Политичкиот притисок Бугарија да се приклучи на иницијативата на Трамп дошла од Делјан Пеевски, лидер на партијата ДПС (Движење за права и слободи) – Нов почеток.
„Го повикувам претседателот Радев веднаш да го достави ова до Националното собрание на гласање, а потоа и до Советот на министри, со цел да се преземат следните чекори за пристапување на земјата кон Одборот за мир“, порача Пеевски во официјално соопштение.
Овој бугарски политичар, кој беше етикетиран како олигарх од администрацијата на Џозеф Бајден, вложува максимални напори неговото име да се отстрани од списокот на санкции на САД според Законот Магницки.
„Како политички лидер, инсистирам нашата земја да не ја пропушти можноста да биде дел од градењето на нов, пофер и постабилен светски поредок“, нагласи Пеевски.
Рожен Жељазков, пишува ЕУ алајв, брзо го спровел тоа упатство, иако поканата на Трамп беше упатена до претседателството.
Бугарија не може да очекува никаква непосредна корист од приклучувањето кон ова тело, бидејќи нејзиното учество отворено ги игнорира напорите за демонстрирање на единството на Европската Унија.
Симболично, за време на настанот во Давос, Жељазков седеше до унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој одби да ја поддржи Данска во врска со Гренланд и кој долго време се обидува да ја блокира европската помош за Украина, додава порталот.
Од регионот, покрај Унгарија, Бугарија и Косово, и Албанија доби и прифати покана за Одборот за мир на Трамп.
Словенија засега одлучи да не се приклучи на комитетот, а Хрватска сè уште не одговорила дефинитивно. Црна Гора не добила покана од Соединетите Американски Држави да се приклучи на Мировниот комитет, соопшти вчера Министерството за надворешни работи.
Земјите претставени на бината во Давос беа претежно од Блискиот Исток и Јужна Америка, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Аргентина и Парагвај. Белорускиот претседател Александар Лукашенко не присуствуваше на церемонијата на потпишување во Давос, но го потпиша соодветниот документ во Минск на 20 јануари, пред официјалното претставување на повелбата.
Агенцијата Асошиејтед прес објави дека меѓу оние што ги потпишале документите за пристапување кон Мировниот комитет биле аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и унгарскиот премиер Виктор Орбан, како и лидерите на Азербејџан Илхам Алиев, казахстанскиот претседател Касим-Џомарт Токаев и косовската претседателка Вјоса Османи.
Меѓу шефовите на влади или држави се индонезискиот претседател Прабово Субианто, конзервативниот претседател на Парагвај Сантијаго Пења, претседателот на Узбекистан Шавкат Мирзијоев, премиерот на Пакистан Шехбаз Шариф, премиерот на Ерменија Никол Пашинјан, како и министри и дипломати од Саудиска Арабија, Бахреин, Турција и Мароко.
Околу 35 земји се согласија да се приклучат на проектот, изјави за новинарите висок американски функционер, додека 60 земји се поканети да се приклучат.
Рускиот претседател Владимир Путин, кој беше поканет да се вклучи, кажа дека неговата земја сè уште се консултира со стратегиските партнери на Москва пред да донесе одлука.
Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер денес изјави за Би-би-си дека Британија ќе ја прескокне церемонијата.
Норвешка и Шведска изјавија дека нема да учествуваат, како и Франција, која ја нагласи својата поддршка за мировниот план за Газа, но изрази загриженост дека комитетот би можел да се обиде да ги замени Обединетите нации како главно место за решавање на конфликтот.






