Во петокот Радев ѝ понуди на партијата Алијанса за права и слободи последна шанса да се обиде да формира влада, но партијата го отфрли барањето, трета која го направи тоа оваа недела. „Одиме на избори“, кажа Радев.
Ниедна од бугарските партии или коалиции нема доволно места во фрагментираниот парламент за да собере стабилно мнозинство. Владата на премиерот Росен Желјасков, од популистичката партија ГЕРБ, го стави својот мандат на располагање минатиот месец по неколкуте недели улични протести против државната корупција и новиот буџет кој требаше да зголеми некои даноци.
Во согласност со уставот, бугарскиот претседател Румен Радев во понеделник официјално побара од платформата ГЕРБ-СДС да формира нова влада, што тие го одбија. Во средата НП-ДБ, која се стреми кон поблиски односи со Европската Унија, исто така го одби мандатот, објави агенцијата БТА.
И покрај таквата неизвесност, Бугарија се приклучи на еврозоната на 1 јануари, како што беше планирано. Сепак, потребна ѝ е политичка стабилност за да се забрза инвестирањето на средствата од Европската Унија во пропаднатата бугарска инфраструктура.
Стабилноста е потребна и за да се поттикнат странските инвестиции и да се искорени ендемската државна корупција. Коалицијата ГЕРБ-СДС ги доби последните избори во октомври 2024 година, но ја презеде власта дури во јануари 2025 година по повеќемесечните разговори и ѝ беше потребна поддршка од други партии во поделениот парламент.






