понеделник, 8 декември 2025

Бугарија бара начин да добие ослободување од санкциите врз Лукоил: Страв од можен колапс на владата

Бугарија се обидува да најде начин за изземање од новите американски санкции против најголемата руска приватна нафтена компанија Лукоил, бидејќи се плаши дека мерките ќе предизвикаат сериозен недостиг на гориво и популистичка реакција низ земјата, пренесува денеска Политико.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела најави санкции за двата најголеми руски производители на нафта – Росњефт и Лукоил, што натера неколку земји од ЕУ во кои тие компании работат да се борат за исклучок.

Во Бугарија се наоѓа голема рафинерија Бургас во сопственост на Лукоил, која обезбедува 80 отсто од горивото за земјата, поради што беше побарано од Вашингтон да се одложат санкциите и по 21 ноември, кога треба да стапат на сила.

Владата на Бугарија е загрижена дека санкциите би можеле да ја принудат рафинеријата да престане со работа, што би предизвикало голем недостаток на гориво и протести.

Извори од бриселскиот портал соопштија дека официјална Софија тврди дека ова би можело да го забрза падот на владата, зајакнувајќи ја поддршката за бугарскиот претседател Румен Радев, личност која некои ја сметаат за проруска, а кој јавно ја истакна идејата за создавање нова политичка партија.

Бугарското министерство за енергетика одби да ги коментира овие информации за Политико, како и Кабинетот на бугарскиот претседател.

Поранешниот бугарски амбасадор во Русија, Илијан Василев, смета дека ова е тактика на заплашување од страна на владата за да избегне брза продажба на рафинеријата.

Постојат легитимни и сериозни интереси за купување на имотот на Лукоил, тврди Василев.

Унгарија и нејзиниот премиер Виктор Орбан, исто така, побараа ослободување од примената на санкциите на САД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ