сабота, 21 февруари 2026

Бројот на убиени во Газа е значително поголем од службените податоци, тврди ново истражување

Во првите 15 месеци од израелската воена офанзива во Газа убиени се повеќе од 75.000 Палестинци, што е значително повеќе од 49.000 смртни случаи пријавени од локалните здравствени власти во истиот период. Ова го покажува нова студија објавена во медицинското списание Лансет глобално здравје, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во рецензираната студија, објавена во средата, е утврдено дека жените, децата и старите лица сочинуваат околу 56,2 отсто од насилните смртни случаи во Газа во тој период, процент што е приближно во согласност со извештаите од Министерството за здравство на Газа. Теренското истражување го спровел Палестинскиот центар за истражување на политиката и јавното мислење, под водство на палестинскиот анкетар Халил Шикаки, ​​кој со децении спроведува истражувања на Западниот Брег и Газа. Главен автор на студијата е Мајкл Спагат, професор на Универзитетот Ројал Холовеј во Лондон.

Бројот на жртви во Газа е предмет на жестока дебата откако почна израелската офанзива, како одговор на упадот на Хамас во јужен Израел на 7 октомври 2023 година. Здравствените власти во Газа, чии бројки долго време се сметаат за веродостојни од страна на Обединетите нации, известуваат за повеќе од 72.000 мртви до денес, а илјадници други тела се проценуваат дека се под урнатините. Израел ги оспори бројките, тврдејќи дека министерството е контролирано од Хамас. Сепак, висок воен функционер им кажал на израелските медиуми минатиот месец дека бројките се во голема мера точни, но војската подоцна разјасни дека тоа не е официјален став. Истражувачите зад студијата на Лансет велат дека нивната анализа е спротивна на тврдењата за претерување и сугерира дека бројките на министерството, во екстремни услови, веројатно се конзервативни.

Авторите известуваат дека ова е прво независно истражување за смртноста во Појасот Газа и вклучувало анкетирање на 2.000 палестински домаќинства во текот на седум дена, почнувајќи од 30 декември 2024 година. Теренскиот персонал, претежно искусни анкетари, спровел интервјуа лице в лице со Палестинци од домаќинства низ различни области на Газа. „Ги пресметавме проценките за смртност како просечни збирови. На секој поединец во примерокот му беше доделен просек кој го претставува бројот на луѓе во Појасот Газа на кои се однесува“, напишаа авторите. Тие забележале дека нивните резултати за насилните смртни случаи се базираат на интервал на доверба од 95 отсто. „Сите собрани докази укажуваат на фактот дека до 5 јануари 2025 година, помеѓу 3 и 4 проценти од населението на Појасот Газа биле насилно убиене, а евидентиран е и значителен број на ненасилни смртни случаи кои се индиректна последица од конфликтот“, заклучуваат авторите.

Студијата проценува дека во текот на првите 15 месеци од војната се евидентирани  16.300 ненасилни смртни случаи, предизвикани од болести, постоечки здравствени состојби, несреќи или други причини кои не се директно поврзани со борбите. Овие смртни случаи се пријавуваат одделно од проценетите 75.200 насилни смртни случаи во истиот период.

Според израелските податоци милитантите предводени од Хамас убиле повеќе од 1.200 луѓе и грабнале над 250 заложници за време на нападот во 2023 година врз јужен Израел. Хамас ја потврди смртта на некои воени лидери во борбите со Израел, но ретко објавува информации за загинатите борци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ