Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, денес изјави дека не смета оти посетата на девет пратеници од Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент во Белград е претерано значајна, додавајќи: „Мислам дека се значајни посетите на официјални претставници што се најавуваат или ги поканувате, а потоа договарате датум“.
„Тоа се значајни посети, а не кога некој ќе дојде така туристички и ќе ви се појави на врата. Ниту сме ги поканиле, ниту сме договарале, ниту пак нè консултирале околу датумот“, изјави Брнабиќ за Радио-телевизија Србија, на забелешката дека ниту таа ниту претседателот на државата, Александар Вучиќ, нема да бидат во Белград за време на посетата.
Таа додаде дека „претпоставува дека на пратениците од Европскиот парламент не им е особено важно да се сретнат со нас“ и верува дека ќе се сретнат во Собранието на Србија со „блокадерите од поранешната власт, со кои побарале две средби“.
Наведе дека едната е со пратеничките групи, а дека „блокадерите од поранешната власт побарале уште една поединечна средба со нив, претпоставувам затоа што им е срам пред сите други пратенички групи да го кажат она што го планираат“.
На коментарите дека постапката на власта претставува откажување од евроинтеграциите, таа одговори дека пратениците од Европскиот парламент ги има неколку стотини, „па зошто тие девет се релевантни, претседателот Вучиќ вчера телефонски разговараше со претседателот на Европскиот совет“.






