понеделник, 15 декември 2025

Брнабиќ: Ме загрижува тоа што никој во ЕУ не реагира на реториката на омраза во Хрватска

Претседателката на српското собрание, Ана Брнабиќ, во разговор со новиот шеф на делегацијата на Европската Унија во Белград, Андреас фон Бекерат, изрази „загриженост за недостигот од соодветна реакција на реториката на омраза во Хрватска“, соопшти нејзиниот кабинет.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Денес Брнабиќ официјално се сретна со фон Бекерат за прв пат откако тој ги предаде своите акредитиви во јули и ги презеде должностите како шеф на мисијата на ЕУ во Србија.

Таа му посочи на европскиот дипломат дека однесувањето на Хрватска, како земја-членка на Европската Унија, „е во остра спротивност со вредностите што ЕУ ги промовира и штити“.

Нејзината проценка доаѓа во време на тензии меѓу Загреб и Белград, вообичаени за време на одбележувањето на годишнината од воено-полициската акција „Олуја“ кога Хрватска го слави Денот на победата во Татковинската војна, а во Србија тоа се нарекува „погром“ и „етничко чистење“ во кое беа убиени над 2.000 а протерани повеќе од 250.000 Срби.

Претседателката на српскиот парламент истакна дека „Србија останува кредибилен партнер на Европската Унија“ и дека „полноправното членство во ЕУ е стратегиска национална цел“.

Во соопштението за медиумите се наведува и нејзината оценка дека претстојниот период „е од особено значење за враќање на довербата на граѓаните во европската перспектива на Србија“, со верување дека соработката со новиот амбасадор на ЕУ ќе биде успешна.

Фон Бекерат ја истакна „силната посветеност на Европската Унија на европскиот пат на Србија“ и посочи на „важноста на забрзувањето на реформите во корист на сите граѓани“, првенствено во областа на владеењето на правото, регулирањето на медиумската сцена и изборната рамка и добрососедските односи.

Тој ја истакна важноста на „воздржувањето од реторика што може да доведе до зголемување на тензиите во регионот и во земјата“, објави српскиот парламент.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ