„Подготвени сме да користиме индустриска политика за да му помогнеме на британскиот бизнис да ја преброди бурата. Некои луѓе може да се чувствуваат непријатно поради тоа – идејата дека државата треба директно да интервенира за да го обликува пазарот често беше исмејувана. Но, едноставно не можеме да се задржиме на старите чувства кога светот се врти толку брзо“, напиша тој во статија за весникот Сандеј Телеграф.
Стармер, исто така, рече дека Велика Британија ќе работи на зајакнување на сојузите и намалување на трговските бариери со другите земји, како и дека владата ќе ги „засили плановите“ за да ја направи Британија помалку ранлива на „глобалните шокови“ на пазарот.
Велика Британија беше меѓу земјите погодени од новата основна царина од 10 отсто, со дополнителни давачки од 25 отсто за извозот на автомобили, челик и алуминиум. Некои земји се соочуваат со уште повисоки царини кои од 9 април ќе достигнат и до 50 отсто.