сабота, 6 декември 2025

Британски Телеграф: Трамп му ги предава на Путин окупираните украински територии

Соединетите Американски Држави наводно се подготвени да ја признаат руската контрола врз Крим и другите окупирани украински територии со цел да се обезбеди договор за прекин на војната. Американскиот претседател Доналд Трамп го испрати својот мировен претставник Стив Виткоф и зетот Џаред Кушнер во Москва со директна понуда до Владимир Путин, пишува британски Телеграф.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Еден добро информиран извор кажал: „Станува сè појасно дека на Американците не им е грижа за европската позиција. Тие велат дека Европејците можат да прават што сакаат“. Рускиот претседател потврди во четвртокот дека законското признавање на Крим и регионите Доњецк и Луганск како руска територија од страна на Вашингтон ќе биде клучно прашање во преговорите.

Кремљ потврди денес дека ја добил ревидираната стратегија за прекин на војната, изготвена по вонредните разговори меѓу украинските и американските претставници минатиот викенд во Женева. Оригиналниот мировен план од 28 точки, формулиран од Виткоф по разговорите со руските претставници, им понуди на САД фактичко признавање на Крим и двата источни региони на Донбас. Стратегијата, исто така, предложи фактичко признавање на териториите под руска контрола зад линијата на фронтот во регионите Херсон и Запорожје по постигнувањето на прекин на огнот.

Во Женева беше договорен нов план од 19 точки, кој е помалку поволен за Москва, но неколку извори тврдат дека американските понуди за признавање на територии сè уште се дел од стратегијата.

Според планот, Киев нема да биде принуден формално да ја признае руската контрола врз териториите анектирани од Русија од 2014 година. Имено, украинскиот устав забранува на кој било претседател или влада да отстапи територија без претходен референдум. Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател, и Рустем Умеров, неговиот советник за национална безбедност, треба да патуваат во Флорида овој викенд за да се сретнат со американски претставници во одморалиштето Мар-а-Лаго на Трамп.

Во ново интервју за Атлантик Јермак беше јасен: „Ниеден нормален човек денес не би потпишал документ со кој се откажува од териториите“. Тој додаде: „Додека Зеленски е претседател, никој не треба да смета на нас дека ќе се откажеме од територии. Тој нема да потпише отстапување на територии. Уставот го забранува тоа. Никој не може да го стори тоа, освен ако не сака да оди против украинскиот устав и украинскиот народ“.

Најновиот предлог остава празни места за најспорните прашања, вклучително и конечните територијални отстапки, кои треба да се решат само по директни разговори меѓу Зеленски и Трамп.

Очигледната понуда на Вашингтон предизвика вознемиреност кај европските сојузници, кои постојано отфрлаат каков било мировен договор што би одобрил прекројување на границите со сила. По состанокот на „коалицијата на спремните“ во средата, лидерите кажаа: „Тие беа јасни во врска со принципот дека границите не треба да се менуваат со сила. Ова останува еден од основните принципи за зачувување на стабилноста и мирот во Европа и пошироко“.

Европскиот контрапредлог на оригиналниот план од 28 точки не содржи препорака за признавање на руската контрола врз украинската територија, но предлага „територијалните прашања да се дискутираат и решаваат по целосно и безусловно прекин на огнот“.

Досега САД и Европа одбиваа да ја признаат руската контрола врз Крим, полуостров анектиран од Русија во 2014 година. Понудата за легитимитет врз анкетираната територија би претставувала драстично отстапување од дипломатската пракса во корист на државата агресор.

Во нов документ за националната безбедносна стратегија објавен од Кремљ, Путин ветува дека ќе ги интегрира окупираните територии на Украина во рускиот систем во рок од десет години. Москва ја прогласи анексијата на Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје во септември 2022 година, иако никогаш целосно не ги освои териториите, што покажува дека Путин не размислува за отстапки за да го заврши речиси четиригодишниот конфликт.

Најновите откритија ги зголемуваат стравувањата во Европа дека Вашингтон ќе му наметне неповолен договор на Киев. Во последниве денови, протечените телефонски разговори наводно покажуваат дека главниот преговарач на Трамп, Виткоф, ги тренира руските претставници како да ја придобијат Белата куќа, особено за потребата Украина да се откаже од Донецк. Разузнавачките експерти сугерираат дека европска агенција можеби намерно ги протекла овие информации за да ги разоткрие блиските врски меѓу помошникот на претседателот и Кремљ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ