Каналот „Секјурбордерсук“ (Обезбеди ги британските граници) објави видео во траење од 20 секунди, кое прикажува низа сцени во кои оклопни полицајци кршат врати, изведуваат луѓе од работни простории со лисици и авиони што полетуваат, со драматична музика и пораки на екранот што го истакнуваат растот на рациите и депортациите, пренесува Ројтерс.
@securebordersuk Restoring order and control to UK borders. #Immigration #UKImmigration #Politics #UKPolitics #UKNews ♬ original sound – Secure Borders UK
Видеото завршува со пораката: „И ова е само почеток“.
Настојувањето да се прикаже остар став кон имиграцијата е еден од потезите на британскиот премиер Кир Стармер за да ја врати јавната поддршка по 18 месеци на власт, во период во кој неговата Лабуристичка партија значително заостанува зад десничарската партија на Најџел Фараж, Реформ Јукеј, наведува агенцијата.
Портпаролот на Стармер изјави дека тој канал ќе помогне да се допре до поширока публика, да се спречи ширењето неточни наративи на интернет и директно да им се обрати на мигрантите што размислуваат за доаѓање во Британија.
И многу европски влади, исто така, заземаат поостар став кон миграциите. Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека имиграцијата е меѓу главните грижи на британските гласачи, а анкета на Ипсос од 2025 година покажала дека Реформи за Британија се смета за најдоверлива партија по тоа прашање, наведува агенцијата.
Британската влада соопшти дека од доаѓањето на власт во јули 2024 година, апсењата на нелегални работници и рациите достигнале највисоко ниво во британската историја, при што бројот на рациите пораснал за 77 отсто, а апсењата за 83 отсто, во дејности како салони за нокти, автоперални и фризерски салони.
Сивата економија често се наведува како еден од главните фактори што привлекуваат десетици илјади мигранти нелегално да влегуваат во Британија со мали чамци од Франција.
Во контекст на намалување на јавните услуги и повисоки даноци што погодуваат многу гласачи, нелегалните пристигнувања со чамци станаа централна политичка тема, наведува агенцијата и додава дека повеќе од 40.000 луѓе пристигнале на тој начин во текот на 2025 година.
Сепак, таквите пристигнувања претставуваат само мал дел од вкупната нето-имиграција во Британија, која нагло опаѓа со стапувањето во сила на построги визни правила.
Видеото објавено на Тикток предизвика критики од двете страни – некои тврдат дека владата треба да направи повеќе, додека други сметаат дека содржината нема осет кон луѓето што се прикажани.
„Оваа влада очигледно е зависна од евтини политички поени што може да ги добие со претворање на бруталноста на рациите во клик-бејт забава на интернет“, изјави Сајл Рејнолдс од хуманитарната организација Фридом фром торчр.






