За прв пат, Полицијата за борба против тероризмот (ЦТП), разузнавачката служба МИ5 и Националната агенција за криминал (НЦА) издадоа заедничка изјава во која повикуваат на зголемена будност. Тие ги повикуваат родителите отворено да разговараат со своите деца за безбедноста на интернет и активно да користат алатки за родителска контрола на уредите и домашните мрежи.
Агенциите велат дека децата се „рутински изложени на најсериозна штетна онлајн содржина“, што вклучува сексуално насилство, материјал за самоповредување и самоубиство, екстремна бруталност, суровост кон животните, несоодветни фотографии од деца и терористичка пропаганда.
Во изјавата се вели дека некои деца кои биле под надзор на полицијата и безбедносните служби стануваат „целосно десензибилизирани кон екстремна и вулгарна содржина“.
Вики Еванс, од полицијата за борба против тероризмот, призна дека борбата за безбедност во дигиталниот свет „може да изгледа како залудна битка“, но нагласи дека е важно да се оспособат децата да знаат како да реагираат.
Александар Мареј, од Националната агенција за криминал, предупреди на „брзо растечка закана од садистички и насилни онлајн банди, главно составени од тинејџери“, кои се вклучени во низа кривични дела, вклучително и екстремизам.
Трендот го потврдуваат и статистичките податоци. МИ5 соопшти дека во 2023 година имало рекорден број апсења на млади поради тероризам – од 219 испитани лица, 42 биле под 17 години. Во 2024 година, тој број веќе достигнал 39.
Генералниот директор на МИ5 Сер Кен Мекалум ја опиша ситуацијата како „длабоко загрижувачка“. „Со само неколку кликања, младите луѓе можат да стапат во контакт со опасни радикални терористи и да бидат изложени на насилна и екстремистичка содржина“, заклучи тој.






