Премиерот Кир Стармер кажа дека договорот, според кој Британија ќе ја изнајми базата на 99 години со можност за продолжување за уште 40 години, е во националниот интерес на Обединетото Кралство. Освен закупот, Британија ќе формира фондација вредна 40 милиони фунти за жителите на островите.
Островите биле земени од Маурициус во 1965 година кога земјата сè уште била британска колонија, а Британија ги купила за три милиони фунти. Меѓу 1967 и 1973 било протерано цело население за да се подготват условите за изградба на заедничка воена база со Соединетите Американски Држави, која е сè уште таму на најголемиот остров Диего Гарсија.
Зборувајќи од седиштето на британската војска, Стармер кажа: „Оваа база е еден од најзначајните придонеси кои ги правиме за нашата безбедносна соработка со Соединетите Држави“.
„Сто и еден милион фунти е просечниот трошок годишно. Целосната сума изнесува 3,4 милијарди фунти за 99 години“, додаде тој.
Британија ќе ја задржи целосната оперативна контрола над базата Диего Гарсија, вклучувајќи ги сателитите кои се користат против странско мешање. Околу островот ќче има тампон зона долга 44,5 километри во која ништо нема да може да се изгради или постави без согласност на Лондон.
Без договорот, Британија не би можела да спречи Кина или Русија или која било друга земја да изгради сопствена база на околните острови или да спроведува воени вежби во близина на британската база, кажа Стармер.