На 26 јули Даунинг стрит објави дека новата британска влада нема да ја оспори јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, чиј главен обвинител Карим Кан бараше да се издаде налог за апсење на Нетанјаху и Галант за злосторства против човештвото извршени во Појасот Газа.
Оваа одлука на лабуристичката влада ќе го олесни одобрувањето на барањето поднесено во мај од обвинителот Кан. Ова би го довело Нетанјаху во позиција да биде уапсен доколку патува во странство.
Исто така, одлуката ја менува неколкумесечната британска политика, откако претходната влада беше решена да го поддржи Израел и сакаше цврсто да се држи до позицијата на САД, пишува Гардијан.
Се очекува во наредните денови британските министри да објават дополнителни промени, вклучително и резултатите од ревизијата на усогласеноста на Израел со меѓународното право. Министерот за надворешни работи Дејвид Лами, исто така, сигнализираше дека размислува за забрана на продажбата на оружје на Израел.
Официјалниот портпарол на вицепремиерот рече: „Според поднесокот, ова е предлог од претходната влада што не беше поднесен пред изборите. Можам да потврдам дека владата нема да продолжи по тој пат во согласност со нашиот долгогодишен став дека ова е работа за која одлучуваат судовите“.
Петок 26 јули беше крајниот рок за поднесување на документите со кои се оспорува потенцијалната одлука на МКС да издаде налог за апсење на Нетанјаху. Овој рок претходно беше продолжен поради изборите во Велика Британија, по кои дојде до промена на власта.
Одлуката донесена од новата британска лабуристичка влада е во спротивност со одлуките на претходната, конзервативна влада, која побара од Судот писмени коментари за тоа „дали законите на МКС може да се спроведат против израелски државјани“ со оглед на тоа што палестинските власти не можат да ги спроведува кривичните закони над израелските граѓани, вели Политико, наведувајќи дека конзервативната влада не поднела приговори пред изборите одржани во почетокот на јули.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами го посети Израел, како и окупираните палестински територии, во почетокот на јули, каде што се состана со Нетанјаху и со претседателот на Палестинската управа Махмуд Абас. Лами ја истакна потребата од итен прекин на огнот и ослободување на сите заложници.
Премиерот Стармер, наводно, побарал правен совет од државниот обвинител Ричард Хермер за ова прашање. Хермер е дел од групата еврејски адвокати што потпишаа отворено писмо објавено во Фајненшл тајмс во кое го повикуваат Израел да го почитува меѓународното право.
Велика Британија, за разлика од Америка, го обнови финансирањето на УНРВА, агенцијата на Обединетите нации за палестинските бегалци. Имено, САД го суспендираа финансирањето до средината на 2025 година, откако Израел обвини 13 вработени во УНРВА за директна вмешаност во нападот на 7 октомври.
Во мај обвинителот на Меѓународниот кривичен суд Карим Кан побара издавање налог за апсење на Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Галант, како и на тројца лидери на Хамас, кој се наоѓа на списокот на терористички организации на Европската Унија и на САД. Сите се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото, забележа Си-ен-ен.
Меѓународниот кривичен суд нема средства да наметнува одлуки, но земјите-членки на Судот имаат обврска целосно да соработуваат со неговите одлуки. Ако потерниците бидат издадени, Нетанјаху и другите би можеле да ризикуваат апсење доколку патуваат во 124-те земји-членки на Меѓународниот кривичен суд.
Меѓународниот суд на правдата сè уште мора да ги оцени поднесоците од други држави пред да одлучи дали ќе го одобри барањето на обвинителот за налог за апсење.
Израел се соочува со значителни критики поради обемот на неговата воена кампања во Газа, која почна по нападот на Хамас на 7 октомври минатата година, во кој загинаа најмалку 1.200 луѓе и беа земени повеќе од 250 заложници. По неколку месеци војна, многу жители на Газа се соочија со масовно раселување, уништување и хуманитарна катастрофа. Од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хамас, повеќе од 39.000 Палестинци се убиени, додека повеќе од 90.000 се ранети во напади, според Министерството за здравство на палестинската енклава.
Британската владејачка Лабуристичка партија и нејзиниот лидер, поранешниот адвокат за човекови права Кир Стармер, се соочија со притисок од приврзаниците да заземат построг став кон војната во Газа.
Американската потпретседателка Камала Харис минатата недела вети дека „нема да молчи“ за човечкото страдање во Газа, зборувајќи пред новинарите по состанокот со Нетанјаху во Вашингтон.
Белата куќа, исто така, се соочи со зголемен притисок да ги ублажи страдањата на палестинските цивили во нападите, во кои се користеше и американска муниција.
Израел и САД не се членки на Меѓународниот кривичен суд, но Судот тврди дека има јурисдикција над Газа, Источен Ерусалим и Западен Брег, откако палестинските лидери формално се согласија во 2015 година да бидат обврзани со основачките принципи на МКС.