четврток, 18 декември 2025

Британија иззема гасно поле од санкциите против руски Росњефт, не кажува зошто

Велика Британија го иззема гасното поле Зор во Египет од санкциите против рускиот енергетски гигант Росњефт, објави денес британското министерството за финансии. На крајот на октомври, Британија и Соединетите Американски Држави воведоа санкции врз водечките руски производители на нафта Лукоил и Росњефт, со образложение дека сакаат да ги намалат приходите од рускиот буџет за финансирање на војната во Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во средата британската влада ја измени и дополни општата лиценца, која сега овозможува финансиски трансакции и деловни активности поврзани со гасното поле Зор до октомври 2027 година. Мнозинскиот удел во ова египетско гасно поле го држи италијанската Ени, со 50 проценти, додека руски Росњефт има 30 проценти, а Мубадала петролеум од Обединетите Арапски Емирати има 10 проценти.

Останатите 10 проценти се во сопственост на британската Бритиш петролеум. Министерството не наведе во дозволата зошто го ослободува полето Зор од санкции, а владата не одговорила веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за изземањето.

Со полето Зор управува италијанската компанија Ени, која го откри наоѓалиштето во 2015 година. Според големината на резервите, Зор спаѓа во групата на најголеми полиња во Средоземно Море, според проценетите геолошки резерви од 850 милијарди кубни метри гас.

Росњефт се приклучи на проектот во октомври 2017 година, а производството на гас почна во декември 2017 година. Во август 2019 година, производствениот капацитет беше зголемен на планираните 76 милиони кубни метри гас дневно, според руската новинска агенција Интерфакс.

Ени има намера да инвестира околу осум милијарди долари во Египет, а во последно време започнаа проекти за дупчење низ целиот Медитеран со цел да го зголемат производството, наведува Ројтерс.

Во средината на октомври Лондон ослободи од санкции до 14 октомври 2027 година и група големи нафтени и гасни проекти во Азербејџан и Казахстан во кои учествуваат Лукоил и Росњефт, потсетува Интерфакс.

Покрај полињата Шах Дениз во Азербејџан и Карачаганак во Казахстан, исклучоците ги вклучуваат и компаниите Конзорциум за касписки цевковод (ЦРЦ), Тенгизчевроил, Јужнокавкаски гасовод и азербејџанската компанија за снабдување со гас АГСЦ.

Во средата министерството за финансии на САД ја продолжи лиценцата за продажба на нафта од рускиот проект Сахалин-2 на Јапонија до 18 јуни 2026 година. Мнозински сопственик на проектот е руската гасна компанија Газпром, а малцинските акционери ги вклучуваат јапонските компании Мицубиши и Мицуи, кои планираат да набавуваат течен природен гас од полето.

Од друга страна, Токио денес посочи дека смета и на снабдување со течен природен гас. Јапонија ја разјасни својата позиција за енергетската безбедност на САД и нејзините сојузници од Г7, изјави во четврток владиниот портпарол Минору Кихара.

„Набавката на течен природен гас (ЛНГ) во странство, вклучително и проектот Сахалин-2, е исклучително важна за енергетската безбедност на Јапонија и ние ќе продолжиме тесно да соработуваме со Соединетите Американски Држави и меѓународната заедница за да направиме сè што можеме за да се осигураме дека снабдувањето со течен природен гас на Јапонија нема да биде нарушено“, кажа Кихара.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ