„Постои криминален пат низ Западен Балкан преку кој нелегалните мигранти доаѓаат во Велика Британија и ние сме решени да го затвориме со соработка со европските партнери“, изјави премиерот Кир Стармер пред самитот во Лондон со лидерите на земјите од Западен Балкан.
Се очекува самитот да се фокусира на напорите за намалување на нелегалната миграција – што е едно од клучните политички прашања за британските гласачи – како и на регионалната безбедност и други заеднички закани, објави Ројтерс.
Британската влада објави дека вовела санкции против членови на организирана криминална група од Косово, која, според Лондон, е одговорна за производство на лажни документи и нивна дистрибуција до криминални мрежи.
Санкции беа воведени и против човек за кој се тврди дека е водач на хрватска банда која набавувала лажни хрватски пасоши и ги доставувала до други балкански криминални групи.
Уште две лица и една трговска компанија се санкционирани поради нивна вмешаност во мрежа која префрлала пари и купувала делови за мали чамци кои ги користеле банди за олеснување на нелегалната миграција, се наведува во соопштението на британската влада.






