Русија употреби ракета со среден дострел „орешник“ во напад врз западна Украина, објави новинската агенција ТАСС денес, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана. Ова е втор напад врз Украина во кој е употребено тоа оружје.
Според руското Министерство за одбрана, нападот е извршен како одговор на терористичкиот напад од страна на Киев врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин на 29 декември 2025 година. Украина негираше дека ја нападнала резиденцијата на Путин и ја обвини Москва дека дава лажни тврдења за да ги оправда нападите врз владини згради во Киев.
Неколку дена по самитот на кој европските земји ветија дека ќе понудат војници на Украина во случај на прекин на огнот, додека Вашингтон поддржа обезбедување безбедносни гаранции за Киев, Европската Унија соопшти дека Москва се обидува да ги заплаши сојузниците на Украина.
„Извештајот за употребата на ракетата „орешник“ од страна на Русија е јасна ескалација против Украина и е наменет како предупредување до Европа и САД“, напиша шефицата за надворешна политика на ЕУ Каја Калас на социјалната мрежа икс. Таа додаде дека е потребно да се зајакне противвоздушната одбрана и „да се зголеми цената на оваа војна за Москва, вклучително и построги санкции“.
Русија прво испука ракета „орешник“ кон украинскиот индустриски град Дњепар во ноември 2024 година. Путин тврди дека западните системи за противвоздушна одбрана не се способни да го пресретнат „орешник“ и кажа дека тој би можел да погоди и цели во Западна Европа. Западните воени аналитичари предупредуваат дека „орешник“ е способен да носи нуклеарна боева глава.






