Радакин, началникот на британскиот Генералштаб, денес учествува во разговорите во Вашингтон, каде што ќе се финализираат обврските што 30 земји се подготвени да ги преземат за безбедноста на Украина по војната. Според британските претставници, Лондон е подготвен да испрати војници за логистичка поддршка и обука, но не и да распореди војници на руската граница.
Првично, се дискутираше за евентуално ангажирање на околу 30.000 војници, но оваа идеја беше отфрлена поради противењето на некои европски земји.
„Ништо не се случува во Вашингтон без одобрение од претседателот, а поддршката на Трамп за безбедносните гаранции во понеделникот го почна целиот процес“, кажа еден британски претставник.
Американскиот претседател Доналд Трамп кажа дека Соединетите Американски Држави нема да испраќаат свои војници во Украина. „Имате моја гаранција за тоа. И јас сум претседател“, изјави тој за Фокс њуз.
Неговиот специјален пратеник за Украина Стив Виткоф претходно објави дека гаранциите на САД би можеле да изгледаат како Членот 5 на НАТО, според кој нападот врз еден сојузник се смета за напад врз сите.
Британскиот министер за одбрана Џон Хили уште минатата недела изјави дека Лондон е подготвен да ѝ помогне на Украина во „обезбедувањето на небото и морето и зајакнувањето на украинските сили“.
Британските претставници тврдат дека станува збор за сериозни подготовки, а не само за политички притисок врз Русија. „Не собирате 30 началници на штабови во Пентагон ако не сте сериозни“, смета еден од нив.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот изјави дека очекува безбедносните гаранции да бидат финализирани во следната „недела до десет дена“.
Британските претставници велат дека британските сили би можеле да бидат распоредени во Украина за логистика и заштита на воздушниот простор и пристаништата, но не во операции што би ги довеле во директен конфликт со руските сили.






