петок, 13 март 2026

Брисел ја предупредува Тирана на последиците од неапсењето на поранешната вицепремиерка

Албанскиот парламент гласаше против одземање на имунитетот на поранешната вицепремиерка Белинда Балуку, која се соочува со обвиненија за корупција, што предизвика предупредувања од Брисел за последиците врз кандидатурата на земјата за членство во Европската Унија, пишува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Премиерот Еди Рама и неговата владејачка Социјалистичка партија ја заштитија Балуку, за која Специјалното обвинителство на Албанија (СПАК) бара апсење за наводно мешање во инфраструктурни проекти вредни повеќе од 200 милиони евра.

На крајот на февруари Рама ја разреши Балуку и од позицијата вицепремиерка и од позицијата министерка за инфраструктура и енергетика. Таа негира какво било кривично дело.

„ЕУ ги зема предвид резултатите од гласањето во албанскиот парламент. Посветеноста кон владеењето на правото и борбата против корупцијата се од клучно значење за процесот на пристапување кон ЕУ“, кажа портпаролот на Европската комисија за Политико по вчерашното гласање во Тирана.

„Обезбедувањето поволна средина за СПАК да може ефикасно да ја извршува својата работа е од суштинско значење за кредибилно зачувување на напредокот на Албанија кон членство во ЕУ“, додаде тој.

И амбасадите на Германија, Британија и Холандија реагираа на гласањето, повторувајќи го ставот на Брисел и повикувајќи да не се попречува судскиот процес.

За Албанија да се приклучи на ЕУ, „ефикасното гонење на корупцијата, дури и во случаи со висок профил, е клучен предуслов“, објави германската амбасада во Тирана, повикувајќи ја албанската влада да го почитува владеењето на правото. „Нашето јасно очекување е дека судството ќе може брзо и без пречки да ги процесира овие случаи“, се додава.

Рама одговори со објава на социјалната мрежа Икс: „Сите се согласуваме сто проценти“ со „изнесените принципи“, наведе тој. Рама инсистира на влегување на Албанија во ЕУ до 2030 година и нагласи дека владата во Тирана целосно го поддржува СПАК.

„Владејачкото мнозинство денес го направи точно она што би го направил секој демократски парламент во Европа“, напиша премиерот. Тој изјави дека одобрувањето на барањето на обвинителите за апсење на пратеник мора да биде во согласност со уставот и дека тоа не може да се третира како „преминување на шенгенските граници без контрола“.

Претходникот на Белинда Балуку, Арбен Ахметај, исто така е баран од СПАК по обвинение за корупција и перење пари. На крајот на 2025 година, албанското Министерство за правда поднесе барање до швајцарските власти за негова екстрадиција. Градоначалникот на Тирана Ерион Вељиај, друг член на партијата на Рама, е во притвор од неговото апсење во 2025 година по слични обвиненија, додава Политико.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ