вторник, 9 декември 2025

Брисел: Извештаите за насилство на протестите во Србија се длабоко загрижувачки

Еврокомесарката за проширување Марта Кос денес изјави дека извештаите за насилство за време на последните протести во Србија се длабоко загрижувачки.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Напредокот на патот кон Европската Унија бара граѓаните слободно да ги изразуваат своите ставови, а новинарите да известуваат без заплашување или напад“, напиша Кос на социјалната мрежа Икс.

Претходните две вечери имаше судири меѓу демонстрантите и поддржувачите на Српската напредна партија (СНС) во неколку градови во Србија, претежно во близина на просториите на владејачката партија.

Фрлајќи различни предмети едни кон други, поддржувачите на СНС најчесто користеа пиротехнички средства, неколку лица беа повредени, вклучувајќи и припадници на полицијата, а неколку новинари беа нападнати.

По двата дена немири во Србија, Европската Унија остро ги осуди сите форми на насилство, вклучително и заканите кон новинарите, и повика на прекин на „секоја ескалација на тензиите“.

ЕУ порача дека внимателно ја следат ситуацијата во Србија по неколкуте протести во Србија, за време на кои демонстрантите и новинарите беа наводно нападнати и заплашени од поддржувачи на владејачката партија, додека полицијата не реагирала.

„Нашиот став е јасен: правата на мирно собирање и слобода на изразување мора да се почитуваат, а надлежните органи имаат обврска да ги заштитат учесниците на собирот од повреди или насилство“, се наведува во изјавата на Европската комисија.

Европската комисија, исто така, потсети на „важноста на слободата на медиумите и слободата на изразување“, нагласувајќи дека независните медиуми мора да имаат можност да дејствуваат како „контролори на владата“ со цел да се зголеми транспарентноста и одговорноста на јавните службеници и институциите.

„Продолжуваме внимателно да ги следиме сите овие прашања, особено во рамките на преговорите за пристапување на Србија во ЕУ. Основните права и вредности се јадрото на нашиот заеднички европски проект и мора да се почитуваат“, се заклучува во соопштението на Европската комисија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ