вторник, 17 март 2026

Борел: ЕУ ја губи веродостојноста поради ставот кон САД и Иран

Поранешниот шеф на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел предупреди дека Европската Унија го губи кредибилитетот бидејќи не ги смета Соединетите Американски Држави за одговорни за кршење на меѓународното право во војната против Иран. Во интервју за Политико Борел остро ја критикуваше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, обвинувајќи ја за злоупотреба на моќ и пристрасност, и повика на отфрлање на трговскиот договор со Вашингтон.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Борел, кој беше потпретседател на Комисијата под Урсула фон дер Лаен од 2019 до 2024 година, кажа дека војната на САД против Иран е „нелегална според меѓународното право и не е оправдана со непосредна закана, како што тврдат некои“.

Тој верува дека Фон дер Лаен „постојано ги надминува своите овластувања“ со тоа што се занимава со надворешна политика, иако основачкиот договор на ЕУ „јасно наведува“ дека тоа не е во нејзина надлежност.

„Таа е систематски пристрасна во корист на САД и Израел“, додаде Борел, истакнувајќи дека Европа „ги сноси последиците во форма на зголемување на цените на енергијата, додека американскиот претседател Доналд Трамп се радува затоа што тоа е добро за САД, кои се извозник на нафта“. Трамп како причини за војната со Иран ги наведе соборувањето на режимот и спречувањето на развојот на нуклеарно оружје.

Поранешниот шеф на дипломатијата, кој претходно беше критичен кон постапките на Израел во Газа, а по завршувањето на неговиот мандат сè поотворено ја критикува Комисијата, кажа дека ЕУ не треба да го ратификува трговскиот договор кој Фон дер Лаен и Трамп го договорија минатото лето во Шкотска.

„Тој договор беше неправеден од самиот почеток“, оцени Борел. „Тие ни наметнаа царини од 15 проценти, додека ние ги намаливме нашите царини за нив“. Борел, шпански социјалист кој сега го води Центарот за меѓународни односи во Барселона, го пофали пристапот на шпанскиот премиер Педро Санчез, еден од најгласните критичари во Европа на нападите на Трамп врз Иран. Тој ѝ кажа на својата наследничка на позицијата шеф на европската дипломатија, поранешната естонска премиерка Каја Калас, дека таа треба „појасно да ги осуди кршењата на меѓународното право, без оглед дали доаѓаат од Русија, Израел или САД“. „Губиме кредибилитет кога селективно ги применуваме меѓународните норми“, предупреди тој.

Борел се осврна и на проблемот со блокирањето на 90 милијарди евра помош за Украина, откако Унгарија и Словачка ставија вето. Двете земји бараат од Киев да го обнови протокот низ нафтоводот преку кој руската нафта стигнува до нив преку украинска територија.

Нивните влади, кажа Борел, „отворено го прекршија принципот на лојална соработка што е дел од европските договори“ со напуштање на претходно постигнатиот договор. „Тоа е прашање на Судот. Другите 25 држави би можеле да обезбедат преоден заем додека не се одобри заемот од ЕУ“, предложи Борел, отфрлајќи ги дипломатските обиди за убедување.

Критиките на Борел доаѓаат во време на растечко незадоволство меѓу шпанските социјалисти од партијата на Санчез, кои се клучен дел од владејачката коалиција на Урсула фон дер Лаен во Европскиот парламент.

Парламентарни избори се очекуваат во Шпанија најдоцна до август следната година, а Европската народна партија, на која ѝ припаѓа Фон дер Лаен, се надева на победа бидејќи нејзиниот шпански партнер, Партидо популар, е пред социјалистите на Санчез во анкетите. Претставниците на Урсула фон дер Лаен одбија да ги коментираат изјавите на Борел, додека од канцеларијата на Каја Калас не беше добиен одговор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ