Американскиот претседател Доналд Трамп воведе „реципрочни“ царини за Кина, а Кина возврати со истата мерка.
Ескалацијата на трговската војна меѓу САД и Кина резултираше со зголемување на американските царини за кинески увоз на 145 отсто, а кинеските царини за американските стоки на 125 отсто.
„Многу наши клиенти во Кина укажаа дека нема да ги преземат авионите поради тарифите“, изјави вчера извршната директорка на Боинг, Кели Ортберг.
Кина е единствената земја каде Боинг се соочува со овој проблем, нагласи Ортберг, додавајќи дека ќе ги пренасочи новите авиони на други клиенти кои поради глобалниот недостиг сакаат испорака пред предвиденото.
Два авиони 737 Макс 8 беа транспортирани во Кина во март за испорака на Шамен ерлајнс, а минатата недела се вратија во производствениот центар на Боинг во Сиетл.
Третиот 737 Макс 8 денеска го напушти објектот на Боинг во Жоушан во близина на Шангај и се упати кон американската територија Гуам, покажаа податоците за следење на летот на ЕрНав радар и Флајтрадар24.
Авионот е произведен за Ер Чајна, според базата на податоци за следење на Евиејшн флајтс груп.
Ер Чајна не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар на информацијата. Кинеската влада не соопшти зошто авионите се враќаат.
Уделот на Кина во нереализираните нарачки на комерцијални авиони на Боинг е околу 10 отсто, рече финансискиот директор на Боинг, Брајан Вест.
Боинг планираше да испорача околу 50 нови авиони на кинески клиенти до крајот на годината, рече Вест. Тој додаде дека ја разгледува можноста за продажба на 41 авион на други клиенти, како на завршените така и на оние во фаза на производство.
„Во однос на деветте авиони кои сè уште не се во производниот систем, разговараме со нашите клиенти за да ги дознаеме нивните намери за преземање на авионите и, доколку е потребно, можеме да ги доделиме овие позиции на други клиенти“, рече Ортберг.
„Нема да градиме авиони за клиенти кои нема да ги земат“, додаде шефицата на Боинг.
Податоците за следење на Евиејшн флајтс груп покажуваат дека 36 авиони нарачани од кинески клиенти, вклучително и три вратени, моментално се во различни фази на производство и тестирање во американските капацитети на Боинг, наведе Ројтерс.