Од почетокот на годината, руската валута зајакнала 38 отсто во однос на американскиот долар на пазарот надвор од берзите (ОТЦ). Во исто време, доларот е под притисок поради ескалацијата на трговските војни кои ги води американскиот претседател Доналд Трамп, додека рубљата профитира и од домашни фактори, меѓу кои се истакнуваат рекордно високите каматни стапки.
„За разлика од многу валути на пазари во развој, рубљата не е под притисок на одлив на капиталот бидејќи инвеститорите се повнимателни со поризичниот имот“, вели економистката Софја Донец. „Капиталните контролиу во голема мера ја заштитија Русија, а високите трошоци на задолжување дополнително ја јакнат валутата“.
Растот на рубљата се случува и покрај сеопфатните санкции кои Соединетите Американски Држави и нивните сојузници ги воведоа по почетокот на конфликтот во Украина во февруари 2022.
Клучната каматна стапка на Руската централна банка во моментов изнесува 21 отсто, што значително ја ограничи побарувачката за увоз и последично ја намали побарувачката за странски валути. Освен тоа, извозниците се и понатаму обврзани дел од своите девизни приходи да ги продаваат на домашниот пазар, што дополнително ја поддржува рубљата, пишува Блумберг.
Некои назнаки на ублажување на американската политика кон Русија поттикнаа на враќање на вложувањата во валути со висока камата, велат аналитичарите. „И покрај ризикот од санкциите, странски инвеститори бараат пристап до рубљата преку државите кои одржуваат добри односи со Москва“, вели Искандер Лутско од фирмата Истар капитал од Дубаи.
Покрај тоа, руските компании масовно рефинансираат скапи кредити во рубљи користејќи поевтини заеми во кинески јуани, што дополнително ја засилува конверзијата на девизите во домашната валута, додава Лутско.
Доларот оваа недела падна на најниско ниво во последните шест месеци, поради неизвесноста околу политиката со царините на Трамп. Поради тоа инвеститорите почнале да ги повлекуваат средствата од доларските инструменти и да ги пренасочуваат во златото, кое порасна 23 отсто од почетокот на годината, но и понатаму е послабо од рубљата.
Во Русија, курсот на рубљата пораснал 19 отсто и во моментов изнесува 82,7671 за долар, покажуваат податоците на централната банка. Разликата во однос на меѓународниот пазар настанала поради затворањето на локалниот пазар за време на продолжените празници на крајот на минатата година, додека тргувањето во странство продолжило.
Освен тоа, тргувањето со доларот на Московската берза е суспендирано по минатогодишните американски санкции, па трансакциите се одвиваат преку ОТЦ пазарот, што го отежнува одредувањето на точниот пазарен курс.
Русија не очекувала волку силна валута, во буџетот за 2025 година е предвиден просечен курс од 96,5 рубли за долар, дури 14 отсто послаб од моменталната вредност. Јакнењето на валутата, во комбинација со падот на цените на нафтата, би можело да ги намали приходите од извозот, што е проблем додека државата троши големи суми на војската и социјалните програми.
Централната банка наведува дека е можно јакнењето на рубљата да е последица на засилениот интерес за рускиот имот, делумно поради подобрувањето на геополитичката ситуација. високата референтна каматна стапка останува клучен фактор.
Лутско вели дека поттикнувачките фактори за рубљата се и понатаму присутни. „За сега нема јасни причини поради кои рубљата би ослабела, а намалувањето на каматните стапки не е изгледно во следниот квартал“, заклучува тој.