сабота, 14 март 2026

Блумберг: Иранските напади ги води Путиновата „скриена рака“

Руската разузнавачка поддршка на Иран во нападите на Соединетите Американски Држави, Израел и нивните сојузници во Персискиот залив покажува продлабочувањето на поврзувањето на геополитичките противници на Америка, додека војната со Иран во исто време се шири во регионот, пишува Блумберг.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според извори запознае со проценките на САД и западните разузнавачки служби, Москва во моментов му обезбедува на Техеран различни форми на разузнавачка помош, вклучувајќи сателитски снимки и податоци за тактичко гаѓање со дронови.

Целта на таквата помош е да му се овозможи на Иран поефикасно да ги напаѓа американските сили и нивните сојузници во регионот.

Сè уште не е јасно колку е ефикасна оваа помош. Еден од изворите вели дека не е познато до кој степен руската разузнавачка поддршка е навремена или колку често Москва му обезбедува на Иран конкретни оперативни информации.

Но, самиот факт дека постои таква соработка покажува колку односите меѓу Москва и Техеран се продлабочиле во последните години, пишува Блумберг, потсетувајќи дека Русија во голема мера ги користи иранските беспилотни летала „шахед“ во војната во Украина.

Британскиот министер за одбрана Џон Хили кажа дека многу елементи од иранските напади личат на руската тактика во војната во Украина. „Никого нема да изненади верувањето дека скриената рака на Путин стои зад некои од тактиките на Иран, а можеби и зад некои од нивните способности“, кажа Хили на воен брифинг во Лондон.

„Шемите на иранските напади имаат карактеристики на начинот на кој Русија напаѓа во Украина“, додаде тој. Хили нагласи дека ова е очекувано со оглед на сè поблиската соработка меѓу Москва и Техеран. „Знаеме колку се продлабочи тој сојуз на агресија во последните години“, кажа тој.

Русија и Иран значително ја продлабочија својата воена соработка во последните години, особено откако Западот се обиде да ја изолира Москва по инвазијата на Украина во 2022 година. Во тој период, Русија почна поинтензивно да соработува со земјите кои се исто така во конфликт со Западот, меѓу кои се Иран и Северна Кореја.

Сега постои и загриженост дека Кина би можела да му обезбеди некаков вид поддршка на Иран, според Блумберг.

Американскиот демократски сенатор Ричард Блументал изјави по разузнавачкиот брифинг за Иран дека Русија се чини дека му помага на Техеран „активно и интензивно, со разузнавање и можеби со други средства“. Тој додаде дека Кина би можела да му помогне и на Иран.

Портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон Лиу Пенгју ги отфрли ваквите обвинувања. „Ние се спротивставуваме на неоснованите обвинувања за вмешаност на Кина“, рече тој во соопштението. Тој додаде дека Кина се обидува да игра „конструктивна улога во смирувањето на тензиите и враќањето на мирот“.

Специјалниот претставник на САД Стив Виткоф во интервју за Си-ен-би-си изјави дека рускиот претседател Владимир Путин негирал дека Москва споделувала разузнавачки информации со Иран за време на телефонскиот разговор со Доналд Трамп.

„Русите велат дека не споделиле информации, тоа е она што го кажаа, па можеме да им веруваме на збор“, кажа Виткоф. „Тоа е всушност прашање за разузнавачките служби. Но, да се надеваме дека нема да ги споделат“, додаде тој.

Сепак, Путин јавно изрази „непоколеблива поддршка за Техеран“ и му честиташе на Моџтаба Хамнеи за неговиот избор за нов врховен лидер на Иран. Хамнеи дојде на таа позиција откако неговиот татко беше убиен во првите часови од американските и израелските бомбардирања со кои почна војната.

Путин кажа о дека Русија ќе остане сигурен партнер на Исламската Република, иако се воздржа од директно критикување на американскиот претседател Доналд Трамп за започнување на војната. Русија со години користи ирански беспилотни летала „шахед“ за напади врз украински градови и енергетска инфраструктура.

Иран подоцна ѝ ја обезбеди на Русија технологијата за масовно производство на тие беспилотни летала на руска територија.

Во замена за иранска воена помош, Русија со години споделува чувствително воено знаење со Техеран. Таа размена дополнително се интензивираше во последните денови поради војната на Иран против САД, Израел и земјите од Персискиот залив, пишува Блумберг.

Вашингтон пост и Си-ен-ен претходно известија за наводна руска разузнавачка поддршка за Иран.

„Постојано се собираа лекции од војната во Украина, но сега ги гледаме нивните последици во реално време“, вели Андреа Кендал-Тејлор, поранешна висока функционерка на американските разузнавачки служби, денес аналитичарка во аналитичката група Центар за нова американска безбедност.

Според неа, Иран веројатно ја усвоил тактиката на таргетирање на енергетската инфраструктура од руската војна во Украина со цел да му нанесе максимална штета на противникот. Русија има искуство и во спротивставувањето на американското оружје како што се ракетите „патриот“ и тактичките ракети АТАКМС кои Украина ги користеше против руските сили.

„Тие можат да го споделат тоа знаење со Иранците“, вели Кендал-Тејлор. Масовната употреба на релативно евтините беспилотни летала во војната дополнително ги оптоварува американската војска и нејзините сојузници во Персија.

Овие одбранбени системи се претежно дизајнирани да пресретнуваат пософистицирани ракети, а не голем број евтини беспилотни летала. На западните разузнавачки служби им е тешко да проценат колку беспилотни летала поседува Иран и колку произведуваат, бидејќи ваквите производствени линии можат релативно лесно да се постават на различни локации.

Еден извор запознаен со проценките вели дека клучот за производството на беспилотни летала во Иран е можноста за набавка и шверц на мотори. Улогата на Кина засега останува нејасна. Освен што е најголем купувач на иранска нафта и со тоа помага во одржувањето на иранската економија, не е познато дали Пекинг исто така обезбедува директна воена или разузнавачка помош на Техеран.

Сепак, за време на руската инвазија на Украина, Кина индиректно ѝ помогна на Москва, меѓу другото преку комерцијални компании кои ѝ обезбедуваа на Русија сателитски снимки и технологија за развој на беспилотни летала.

На прашањето дали Кина му помага на Иран со разузнавачки информации за американската војска, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Гуо Џиакун кажа дека „не е запознаен со тие тврдења“. Републиканскиот сенатор Том Котон, претседател на Комитетот за разузнавање на Сенатот, за Фокс њуз изјави дека не може ниту да потврди ниту да негира информации за руска и кинеска помош за Иран.

Но, тој предупреди дека таквата помош би била исклучително опасна. „Русија и Кина, ако му пружат каква било помош на Иран, си играат со оган“, кажа Котон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ