Гејтс, кој најавува план за забрзување на своите филантропски донации во следните 20 години и целосно затворање на Фондацијата Гејтс до 2045 година, во едно интервју изјави дека шефот на Тесла дејствувал од незнаење. Во февруари, Одделот за владина ефикасност (ДОЏ) на Маск ја затвори Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), главниот канал за американска помош, велејќи дека е „време да умре“.
Коосновачот на „Мајкрософт“, некогаш најбогатиот човек во светот, рече дека ненадејните кратења предизвикале да пропаднат храната и лековите што спасуваат живот во магацините и би можеле да предизвикаат враќање на болестите како мали сипаници, ХИВ и детска парализа.
„Сликата за најбогатиот човек во светот како ги убива најсиромашните деца во светот не е убава“, изјави Гејтс за „Фајненшл тајмс“.
Гејтс тврдеше дека Маск ги прекинал донациите за болница во покраината Газа во Мозамбик, која спречува пренесување на ХИВ од мајките на децата, погрешно верувајќи дека САД испраќаат кондоми до Хамас во Газа на Блискиот Исток. „Би сакал да оди и да се сретне со децата што сега се заразени со ХИВ бидејќи ги секна тие средства“, рече тој.
Гејтс (69) вчера ги објави плановите да го потроши речиси целото свое богатство во следните 20 години, во кои проценува дека неговата фондација ќе потроши повеќе од 200 милијарди долари за глобално здравство, развој и образование, во споредба со 100 милијарди долари во претходните 25 години. Фондацијата Гејтс ќе ги затвори своите врати во 2045 година, децении порано од првично планираното.
Гејтс рече дека причината за забрзаното трошење е да се постигне максимален ефект, со потенцијал за трајни решенија како што се искоренување на детската парализа и лек за ХИВ.
„Тоа ни дава јасност“, рече тој. „Ќе имаме многу повеќе пари бидејќи ќе ги трошиме во текот на тие 20 години, наместо да се обидуваме да бидеме вечна фондација.“
Фондацијата ќе продолжи да троши поголем дел од својот буџет, кој ќе расте на околу 10 милијарди долари годишно, за глобално здравје, со акцент на вакцините, здравјето на мајките и децата. Но Гејтс вели дека приватната филантропија не може да го надомести недостигот создаден од намалувањата на средствата на УСАИД, чиј буџет минатата година изнесуваше 44 милијарди долари.
Гејтс има намера да им остави помалку од 1% од своето богатство на своите деца. Тој рече дека поддржува силен данок на наследство за да се спречи „династиското богатство“ и „многу попрогресивно оданочување“.
Критичарите го обвинија Гејтс дека го користи статусот на својата фондација како даночен штит и дека ги користи своите милијарди за да врши прекумерно влијание врз глобалните здравствени приоритети.
Во писмо во кое ја објаснува својата одлука, Гејтс напиша: „Луѓето ќе кажуваат многу работи за мене кога ќе умрам, но јас сум решен дека ‘умре богат’ нема да биде едно од тие нешта. Има премногу итни проблеми за решавање.“
„Тој нема поим што прави УСАИД“
Гејтс за Фајненшл тајмс вели дека Маск, кој ја нарече УСАИД „криминална организација“, нема поим што прави агенцијата или како функционира. Маск во февруари призна дека ја помешал мозамбиската област Газа со палестинската територија, велејќи дека некои од работите што ги кажал нема да излезат точни.
Гејтс беше повоздржан во критиките кон Доналд Трамп, велејќи дека можеби тој не ги разбрал целосно последиците од намалувањата и оставајќи отворена можност некои од нив да бидат вратени. Фондацијата Гејтс е една од многуте што се плашат дека американскиот претседател би можел да се обиде да го укине нивниот даночен статус со извршна наредба.
Гејтс го критикуваше назначувањето на Роберт Ф. Кенеди Џуниор од страна на Трамп за министер за здравство, велејќи дека Кенеди „ги нападна вакцините, а особено мојата улога… со многу лаги“.
Но тој му ги посвети своите најостри критики на Маск, чии намалувања, рече тој, би можеле да ја поткопаат 25-годишната работа на Фондацијата Гејтс. Гејтс претходно изјави дека Маск треба да поминува повеќе време грижејќи се за животот на Земјата отколку барајќи решенија на други планети. „Претера со Марс“, рече тој.
Маск и Доџ не одговориле на барањата за коментар.