петок, 12 декември 2025

Би-би-си: Зошто Путин не попушта ни милиметар? Затоа што беше охрабрен од моќни пријатели (ВИДЕО)

Понекогаш најсилниот впечаток не го остава она што се кажува, туку реакцијата на публиката. Токму тоа се случи на рускиот Далечен Исток, каде што претседателот Владимир Путин упати недвосмислено предупредување до Западот да не испраќаат војници, вклучително и мировни сили, во Украина, пренесува Би-би-си.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Доколку таму се појават војници“, изјави Путин вчера на економски форум во Владивосток, „особено сега додека борбите траат, претпоставуваме дека тие ќе бидат легитимни цели за уништување“.

На оваа закана, публиката составена од руски функционери и бизнис лидери одговори со громогласен аплауз, јасно поздравувајќи ја идејата за „уништување“ на западните војници. Оваа порака дојде само еден ден откако таканаречената Коалиција на спремните, група сојузници на Киев, ветија дека ќе испратат „мировни сили“ во Украина по евентуалното потпишување на мировниот договор.

Средба со Зеленски – исклучиво во Москва

Нов бран на одобрување се прошири низ салата кога Путин посочи дека би бил спремен да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, но само на домашен терен. „Најдоброто место за тоа е руската престолнина, во градот херој – Москва“, рече тој.

Надвор од Русија, овој предлог беше отфрлен како несериозен и целосно неприфатлив, опишан како еден вид политичко „тролање“. Сепак, совршено го сумира моменталниот став на Кремљ за војната во Украина: „Да, сакаме мир, но само под наши услови. Ги отфрлате нашите услови? Тогаш нема мир.“

Самодоверба изградена на неколку фактори

Овој бескомпромисен став е поттикнат од комбинација од неколку фактори. Првиот е цврстото верување на Кремљ дека руските сили во моментов ја имаат иницијативата на бојното поле во Украина.

Второто е чувство на дипломатски успех. Путин оваа недела се сретна со голем број светски лидери во Кина, а сцените на ракување и насмевки со лидерите на Кина, Индија и Северна Кореја испратија порака дека Русија има моќни пријатели.

Тука е и улогата на Америка. Поканата минатиот месец од страна на американскиот претседател Доналд Трамп на самит во Алјаска беше протолкувана од прорежимските коментатори во Русија како доказ за неуспехот на западните напори да ја изолираат Москва.

Иако Трамп претходно се закануваше со ултиматуми и санкции, тој не ги спроведе, што дополнително ја зголеми довербата во Русија. Путин, иако јавно ги пофали мировните напори на Трамп, ги отфрли неговите предлози за прекин на огнот и не покажува намера да прави отстапки.

Два различни патишта кон мир

Па какви се изгледите за мир? Путин неодамна изјави дека гледа „светлина на крајот од тунелот“. Сепак, се чини дека Русија од една страна, и Украина и Европа од друга страна, се наоѓаат во сосема различни тунели што водат кон различни дестинации.

Украина и нејзините сојузници се фокусирани на прекин на борбите и обезбедување безбедносни гаранции за Киев за да се спречи идна инвазија. Од друга страна, кога Путин зборува за „светлината на крајот од тунелот“, тој веројатно замислува пат кој води до руска победа во Украина и изградба на нов глобален поредок од кој Русија има корист. Со оглед на тоа, тешко е да се види каде и кога би можеле да се сретнат овие две сосема различни визии, заклучува Би-би-си.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ