понеделник, 16 март 2026

Би-би-си: Војната против Иран ги покажува ограничувањата и несогласувањето меѓу сојузниците

Американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговите два мандати не се двоумеше да ги критикува, па дури и да ги напаѓа сојузниците од НАТО, но неговата последна сугестија дека неуспехот да се обезбеди Ормускиот теснец би бил „многу лош за иднината на НАТО“ го открива разбирањето на целта на воениот пакт кое веќе предизвика чудење. Додека американскиот претседател ги повикува партнерите да дејствуваат во иранската криза, сојузниците реагираат претпазливо, покажувајќи дека брзо решение не е на повидок, пишува Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Поранешниот началник на британскиот Генералштаб, генералот Ник Картер, ја разјасни природата на алијансата за Би-би-си. „НАТО е создаден како одбранбен сојуз“, кажа тој. „Не е замислен за една членка да тргне во војна по свој избор, а потоа да ги обврзува сите други да ја следат. Не сум сигурен дека тоа е НАТО на кое некој од нас сака да му припаѓа.“

Во последните изјави на Трамп има доза на иронија, со оглед на тоа што само пред два месеци тој искажуваше претензии кон Гренланд, суверена територија на друга членка на НАТО.

Можеби ова објаснува зошто некои од одговорите беа прилично директни. Во Германија, портпаролот на владата изјави дека војната со Иран „нема никаква врска со НАТО“, додека министерот за одбрана Борис Писториус се потсмеваше со идејата дека скромните европски морнарици би можеле да променат нешто.

„Што очекува Трамп од неколку европски фрегати што моќната американска морнарица не може да го постигне сама?“, праша тој. „Ова не е наша војна. Ние не ја почнавме.“

Сепак, сето ова не го менува фактот дека постои итна и растечка потреба за решавање на кризата во Заливот. Блокадата на Ормускиот теснец од страна на Иран, освен за бродовите кои носат иранска нафта до сојузниците како Индија и Кина, ги остави западните влади да се борат за излез.

Иако кризата беше предизвикана од одлуката на Доналд Трамп да влезе во војна, таа мора брзо да се реши пред последиците за глобалната економија да се влошат. Сепак, веќе е јасно дека нема брзо решение. Британскиот премиер Кир Стармер денес изјави дека се во тек разговори со американските, европските и партнерите од Заливот за развој на „применлив план“, но дека „сè уште не сме стигнале до точката на одлука“.

Стармер спомна автономни системи за откривање мини кои се веќе поставени во регионот. Сепак, со враќањето на бродот ХМС Мидлтон во Портсмут за реновирање, ова е прв пат по децении да нема британски миночистач во регионот.

Наместо тоа, се очекува британската Кралска морнарица да понуди новоразвиени морски беспилотни летала за откривање и неутрализирање на мини. Но, проблемот со кој се соочува Трамп е што деминирањето, некогаш клучна задача на речиси секоја морнарица, одамна престана да биде приоритет.

Том Шарп, поранешен командант на Кралската морнарица, вели дека најновите британски технологии сè уште не се тестирани во борба. „Дали ќе функционираат или не, веројатно ќе дознаеме во следните неколку недели“, изјави тој за Би-би-си. Генералот Картер потсети дека западните земји ја спроведоа последната голема операција за деминирање на море во 1991 година, откако Ирак ги минираше водите во близина на Кувајт.

„Ни беа потребни 51 ден за да ги исчистиме мините“, кажа тој. „Ниту една морнарица, а најмалку американската морнарица, не инвестираше во тоа колку што требаше“, додаде. Специјализираните миночистачи на американската морнарица, со дрвени трупови за да се избегнат магнетни мини, се пензионираат и се заменуваат со бродови кои исто така користат беспилотни системи.

Мините не се единствениот проблем. Иранската револуционерна гарда е способна да користи и вооружени глисери, „самоубиствени“ морски дронови и крајбрежни ракети. Неодамнешните снимки од иранската новинска агенција Фарс покажуваат голем број бродови и дронови складирани во подземни тунели, што сугерира дека Техеран долго време се подготвува за такво сценарио.

Претседателот Трамп посочи дека отворањето на Ормускиот теснец – што го опиша како „многу мал потфат“ – може да вклучува напади врз брегот на Иран, велејќи дека бара „луѓе за елиминирање на некои лоши актери по должината на брегот“.

САД веќе ги таргетираа бродовите за поставување мини во иранските пристаништа, но тешко е да се замисли дека многу сојузници ќе го следат примерот, особено ако тоа вклучува испраќање копнени сили.

Во опкружување полна со опасност, не е изненадувачки што земјите се двоумат да се вклучат и претпочитаат да повикаат на деескалација, како што направи британската влада. Но, со оглед на тоа што американските и израелските претставници зборуваат за кампања која би можела да трае со недели, тоа не изгледа како веројатна опција.

Министрите за надворешни работи на ЕУ се сретнуваат денес, а на масата е предлогот за проширување на постојната поморска мисија на ЕУ во Црвено Море, операцијата „Аспидес“. Шефицата на дипломатијата на ЕУ Каја Калас верува дека промената на мандатот на операцијата би бил „најбрзиот“ начин за зајакнување на безбедноста во Заливот, но се чини дека нема голем интерес за проширување на таа скромна мисија, која во моментов има само три воени брода.

Шпанскиот и италијанскиот министер изразија сомнежи, а германскиот министер Јохан Вадефул кажа дека неговата влада сака прво да ги слушне Израел и САД „кога мислат дека ќе ги постигнат своите воени цели во Иран“. Од главните европски сојузници, францускиот претседател Емануел Макрон се чини дека е најсклон кон ангажирање, но и тој кажа дека ова може да се случи само откако ќе заврши „најжешката фаза“ од конфликтот.

Поранешниот командант Том Шарп предупредува дека операцијата за придружба на бродовите би била значително посложена од онаа во Црвено Море. „За разлика од Хутите, каде што заканата доаѓаше само од воздух, со Иран заканата е тројна – од воздух, од површина и под неа“, објасни тој.

Во моментов, сојузниците на Трамп се двоумат, свесни дека неактивноста исто така не е опција. Кир Стармер кажа дека решението мора да вклучи „што е можно повеќе партнери“, но додаде дека британските војници заслужуваат гаранции пред да бидат испратени на опасна мисија. „Најмалку што заслужуваат е да знаат дека го прават тоа врз основа на законот и со добро осмислен план“. Како што стојат работите сега, таков план не постои.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ