Според Би-би-си, многумина – од Брисел до Берлин до Париз – неговиот говор го доживеаја како навредлив, арогантен и неточен. Трамп ја повтори тезата дека Европа оди по погрешен пат, тема на која често се враќа, но Би-би-си истакнува дека тој добива сосема поинаква тежина кога се изговара на европско тло, лице в лице со оние кои Соединетите Американски Држави ги нарекуваат пријатели и сојузници.
Во Европа, наведува Би-би-си во анализата, има големо олеснување поради фактот што американскиот претседател во Давос ја исклучи можноста за употреба на воена сила за преземање на Гренланд. Но, дури и ако се држи до тоа, фундаменталниот проблем останува: Трамп сè уште сака територија за која нејзините сопственици велат дека не е на продажба.
„Она што е сосема јасно по овој говор е дека амбицијата на претседателот останува непроменета“, изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен пред новинарите во Копенхаген. Тој додаде дека изјавите на Трамп за војската беа „сами по себе позитивни “.
Би-би-си во анализата наведува дека илјадници километри од Давос, во Нук, главниот град на Гренланд, локалните власти презентирале нова брошура со упатства до жителите за тоа што да прават во случај на „криза“ на таа територија.
Министерот задолжен за самоодржливост Питер Борг кажа дека документот е „полиса за осигурување“, истакнувајќи дека владата на Гренланд не очекува да да го користи.
Би-би-си пишува во својата анализа дека секоја надеж во Европа дека Трамп би можел да ја ублажи оваа трансатлантска криза исчезнала во моментот кога почнал да го презентира својот бескомпромисен аргумент за преземање на островот.
Тој го игнорира инсистирањето на Европа дека Гренланд е суверена територија поврзана со Европската Унија и го прикажа неговото преземање како разумна трансакција, наведувајќи ја децениската воена поддршка на САД за Европа.
Трамп тврди дека САД направиле грешка кога го „вратиле“ Гренланд по Втората светска војна. Гренланд, потсетува Би-би-си, никогаш не бил дел од Соединетите Американски Држави. Потоа американскиот претседател се врати на своето вообичаено тврдење дека европските членки на НАТО не направиле ништо за САД.
Тој особено ја нападна Данска, потсетувајќи дека во 1940 година „падна пред Германија по само шест часа борба и беше целосно неспособна да се одбрани себеси или Гренланд“.
Би-би-си предупредува во својата анализа дека лекцијата на Трамп по воена историја го крие фактот дека Данска била клучен сојузник на САД во Авганистан и дека платила висока цена. Данска изгубила 44 војници, пропорционално повеќе од која било друга земја во коалицијата, а нејзини војници загинале заедно со американските сили и во Ирак.
Бројни други членки на НАТО ги поддржаа САД и по нападите на 11 септември 2001 година, потсетува Би-би-си. Според анализата, Трамп упати најмногу напади кон францускиот претседател Емануел Макрон.
Тој се потсмеваше со неговиот изглед со очила за сонце – кои Макрон ги носеше поради проблеми со очите – како и со неговиот „тежок“ настап на говорницата. Трамп кажа дека му се допаѓа Макрон, а потоа веднаш додаде: „Тешко е да се поверува, нели?“
Но, заклучува Би-би-си, таа шега повеќе не проаѓа.
Европските лидери една година се обидуваа да му ласкаат, да го импресионираат и смируваат американскиот претседател, а за возврат го добија она што сега го сметаат за најголема закана досега, според анализа на Би-би-си.
Европската унија се состанува денес во Брисел на вонреден самит, а водечките политичари посегнуваат по најострата реторика досега како одговор на американската политика.
Како што пишува Би-би-си, топката сега е на теренот на Европа: дали тоа ќе ја активира европската „трговска базука“? На почетокот на својот говор, кој траеше еден час и 12 минути, Трамп се пофали дека дома „луѓето се многу задоволни од него“.
Но, по оваа нова епизода, тоа чувство е многу потешко да се најде во Европа, која американскиот претседател тврди дека толку многу ја сака, заклучува Би-би-си во својата анализа.






