Како што мировните напори во текот на 2025 година се засилија под притисок на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, во руските извори се објавени 40 проценти повеќе посмртници на војници отколку во истиот период претходната година.
Досега, Би-би-си има потврдено имиња на речиси 160.000 луѓе што загинале борејќи се на руската страна во Украина.
Руското Би-би-си њуз уште од февруари 2022 година ги следи загубите во војната заедно со независниот портал „Медиазона“ и група волонтери. Се води список на идентификувани лица чија смрт било можно да се потврди врз основа на официјални соопштенија, новински написи, објави на социјалните мрежи, како и нови спомен-обележја и гробови.
Се смета дека вистинскиот број на загинатите е значително поголем. Воените експерти со кои разговарал Би-би-си проценуваат дека анализата на гробишта, воени меморијали и посмртници опфаќа само 45 до 65 проценти од вкупните загуби. Тоа би значело дека бројот на загинатите руски војници се движи меѓу 243.000 и 352.000.
Бројот на објавените посмртници во одреден период е прелиминарна процена на потврдените загуби, бидејќи дел од информациите бараат дополнителна проверка и подоцна се отфрлаат. Сепак, овој показател овозможува увид во промените на интензитетот на борбите низ времето.
2025 година започна со релативно мал број објавени посмртници во јануари, во споредба со претходните месеци. Бројот се зголеми во февруари, кога Трамп и рускиот претседател Владимир Путин за првпат директно разговараа за завршување на војната во Украина.
Следниот пик беше забележан во август, кога двајцата претседатели се сретнаа на Алјаска, што Путин го доживеа како голем дипломатски успех и симбол на крајот на неговата меѓународна изолација.
Во октомври, кога планираниот втор руско-американски самит на крај беше откажан, а потоа и во ноември, кога Соединетите Американски Држави претставија мировен план во 28 точки, во просек беа објавувани по 322 посмртници дневно — двојно повеќе од просекот во текот на 2024 година.
Тешко е растот на руските загуби да се припише на една причина, но Кремљ територијалните освојувања ги гледа како средство за зајакнување на својата преговарачка позиција кон САД. Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, неодамна истакна дека „неодамнешните успеси“ позитивно влијаеле врз преговорите.
Меѓу оние што се обложуваа на брзо постигнување мир бил и Мурат Мукашев — и тоа го чинело живот.
Мукашев бил активист што никогаш не ја поддржувал политиката на Путин. Со години учествувал во протести против полициско насилство и тортура, се приклучувал на собири за правата на ЛГБТ-лицата, како и на протести за ослободување на Алексеј Навални, главниот противник на Кремљ, кој почина во затвор во 2024 година.
Од 2022 година на социјалните мрежи отворено ја осудуваше руската инвазија врз Украина. Но во почетокот на 2024 година беше уапсен во близина на својот дом во Москва и обвинет за трговија со дрога во големи размери.

Според неговото семејство и пријатели, за време на судењето му бил понуден договор со Министерството за одбрана. Тешките обвиненија, тврдат тие, често се користат за да се поттикнат луѓето да се пријават во војска. Законот од 2024 година им овозможува на обвинетите да избегнат казнена пресуда доколку потпишат договор, што е привлечна опција во земја каде што стапката на ослободителни пресуди е помала од 1 процент.
Мукашев првично ја одбил понудата и судот го осудил на 10 години затвор во казнено-поправна установа со строг режим.
Во затвор, во ноември 2024 година, ја променил одлуката. Пријателите велат дека го охрабриле ветувањата на Трамп за брзо завршување на војната и заклучил дека мора што поскоро да се пријави за да биде ослободен пред евентуален мировен договор.
Мукашев на 11 јуни оваа година загина како припадник на јуришна единица во Харковската област, на североистокот на Украина.
Како и Мукашев, мнозинството Руси загинати на бојното поле во 2025 година во почетокот на војната немале никаква врска со војската, покажуваат податоците на Би-би-си. Но од крвавата битка за Авдиивка во октомври 2023 година, се бележи постојан раст на жртвите меѓу таканаречените „доброволци“ — лица што по почетокот на инвазијата доброволно потпишале договор со војската.
Тие сега го сочинуваат мнозинството од новите регрути, за разлика од професионалните војници што влегле во армијата пред инвазијата или од оние мобилизирани по нејзиниот почеток. Пред една година, доброволците сочинуваа 15 проценти од загинатите руски војници, додека во 2025 година тој удел порасна на една третина.
Локалните власти, под притисок да обезбедат постојан прилив на нови луѓе, нудат високи парични исплати, таргетираат лица со големи долгови и водат кампањи на универзитетите и факултетите. На тој начин Кремљ успева да ги надомести големите загуби на бојното поле, притоа избегнувајќи ја политички ризичната одлука за масовна задолжителна мобилизација.
Според заменик-претседателот на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев, до октомври оваа година во војската се пријавиле 336.000 луѓе, повеќе од 30.000 месечно.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, потоа изјави дека секој месец гинат околу 25.000 руски војници. Ако двете процени се точни, Русија и натаму регрутира повеќе војници отколку што губи.
Врз основа на посмртници и сведоштва од семејствата, мнозинството од оние што се пријавиле го сториле тоа доброволно, но постојат извештаи и за притисоци и присила, особено врз редовните регрути и лицата обвинети за кривични дела.
Некои регрути погрешно веруваат дека по една година ќе можат да му се вратат на својот стар живот со голема сума пари. Еден нов регрут за една година може да заработи и до 10 милиони рубли (околу 108.000 евра). Во реалноста, сите договори потпишани со Министерството за одбрана од септември 2022 година автоматски се продолжуваат до крајот на војната.
Според НАТО, вкупниот број на загинатите и ранетите руски војници во војната изнесува околу 1,1 милион, а еден функционер процени дека загинале околу 250.000 луѓе. Тоа е во согласност со проценките на Би-би-си, иако нивниот список не ги вклучува загинатите што служеле во милициите на двата окупирани региони во источна Украина.
Тешки загуби претрпе и Украина. Претседателот Володимир Зеленски во февруари наведе дека на бојното поле загинале 46.000 украински војници, додека 380.000 биле ранети. Тој додаде дека десетици илјади се водат како исчезнати или се наоѓаат во заробеништво.
Врз основа на други процени и споредба на достапните податоци, Би-би-си проценува дека досега загинале и до 140.000 Украинци.






