петок, 19 декември 2025

Би-би-си: Пред шест години му се смееја на Трамп во ОН, сега молчеа

Доналд Трамп одржа говор во Њујорк пред Генералното собрание на Обединетите нации, што, според Џејмс Ландејл, дипломатски дописник на Би-би-си од ОН, беше една од најјасните презентации на неговата политичка идеологија во нејзината најсоголена форма.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

За неговите поддржувачи, тоа беше нефилтриран трампизам; за критичарите, трампизам вон контрола. Речиси еден час, Трамп по ред ги критикуваше противниците и нивните идеи, почнувајќи од дома, фалејќи ги САД и себеси. Тој тврдеше дека САД минуваат низ „златно доба“ и го повтори своето многу оспорувано тврдење дека тој лично завршил седум војни, што, според него, е причината зошто треба да му биде доделена Нобелова награда за мир.

Потоа се сврте кон домаќините. Ги обвини Обединетите нации дека не му помогнале да посредува за мир. Ја доведе во прашање смислата на организацијата, велејќи дека има „огромен потенцијал, но не го користи“. Сè што прават ОН, тврди Трамп, е дека пишуваат остри писма кои потоа не ги следат. „Празни зборови не завршуваат војни“, рече американскиот претседател.

Трамп исто така ги обвини ОН за финансирање на баратели на азил кои се обидуваат да влезат во САД. „ОН треба да спречуваат инвазии, а не да ги создаваат и финансираат“, рече тој. На мета му се најде и инфраструктурата во самото седиште на ОН: ги критикуваше расипаните ескалатори и телесуфлерот кои, како што рече, му ја попречиле посетата и говорот.

Како што забележува Ландејл за Би-би-си, Трамп е во право во едно – многу аналитичари долго време ја доведуваат во прашање ефикасноста на ОН, особено поради блокадите во Советот за безбедност и бавноста на бирократијата. Но, во исто време, самиот Трамп, вели Би-би-си, е и причина и последица на слабоста на ОН, бидејќи верува дека глобалните кризи се решаваат преку договори меѓу моќни луѓе како него, а не преку мултилатерални институции.

Трамп ги зачува своите најостри критики за европските сојузници. Тој го нападна континентот за инвестирање во обновливи извори на енергија и за отворање на границите за мигрантите.

„Европа е во сериозни проблеми. Нападната е од нелегални мигранти како никогаш досега… И миграцијата и самоубиствените енергетски идеи ќе бидат смрт за Западна Европа“, рече Трамп.

Климатските промени, со воздишки во салата, ги опиша како „најголемата измама што некогаш е извршена врз светот“ што ги оптоварува европските земји со скапа енергија, додека фосилните горива се поевтини. Тој особено ја нападна британската влада за воведување нови даноци на нафтата од Северното Море.

„Ако не се извлечете од таа измама со зелена енергија, вашата земја ќе пропадне“, рече тој.

„И ја сакам Европа. Ги сакам луѓето од Европа. Но, мразам да гледам како ја уништува енергијата и миграцијата. Тоа двоглаво чудовиште уништува сè пред себе… сакате да бидете политички коректни и го уништувате сопственото наследство.“

Како што пишува Ландејл за Би-би-си, последните реченици на Трамп одекнуваат со сличности со говорот што го одржа за време на државната посета на Обединетото Кралство минатата недела, кога зборуваше за важноста на одбраната на вредностите на „англискиот говорен свет“.

Критиките на Трамп кон Европа имаа и културолошки тон, проценува Би-би-си, бидејќи претседателот верува дека неконтролираната миграција го загрозува јудео-христијанското наследство на континентот. „Да ја заштитиме верската слобода“, рече Трамп во ОН, „вклучувајќи ја и најпрогонуваната религија на планетата денес – наречена христијанство“.

Од конкретните пораки, најважно е предупредувањето за војната во Украина. Трамп рече дека одбивањето на Путин да го запре конфликтот „не ѝ носи никаква корист на Русија“. Тој додаде дека САД се подготвени да „воведат нова силна рунда моќни тарифи“ за да го прекинат крвопролевањето.

Трамп ги повика европските земји да престанат да купуваат руска енергија, велејќи дека само пред две недели дознал дека некои сè уште го прават тоа. Во пракса, потсетува Би-би-си, само Унгарија и Словачка се сè уште значајни увозници на руска нафта. Дипломатите веруваат дека Трамп на овој начин се крие зад Европа за да не мора да воведува секундарни санкции против Индија и Кина, кои купуваат огромни количини евтина руска нафта.

Можеби поважна од самиот говор беше неговата објава на социјалните мрежи кратко по настапот. За прв пат, тој тврдеше дека Украина може да ја врати целата своја територија.

Тој ја нарече Русија „хартиен тигар“ и „не вистинска воена сила“, што, според Би-Би-Си, ќе го погоди Владимир Путин, кој е исклучително чувствителен на секоја сугестија дека неговата земја не е глобален играч. Според дипломатите цитирани од Ландејл, ова е најновиот пример за постепеното поместување на Трамп кон покритичен став кон Москва.

Но, предупредува Ландејл за Би-би-си, зборовите на Трамп треба да се сфатат со резерва. Тој беше оптимист само неколку моменти по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во ОН.

Тој рече дека Украина би можела да ја врати територијата со помош на Европската Унија и НАТО, но не спомена директна улога на САД. И целото претходно искуство покажува дека Украина нема да може да ги врати окупираните територии без масовна американска воена помош.

Според Би-би-си, ова беше Трамп во неговата најчиста форма: одбрана на Америка и националната држава, напад врз мултилатерализмот и глобализмот и куп сомнителни тврдења.

Шест години претходно, обраќањето на Трамп пред ОН беше дочекано со смеа од многу делегати, особено кога изнесуваше неосновани тврдења. Оваа година, тие слушаа главно во тишина.

„Одличен сум во ова“, им рече Трамп на светските лидери. „Вашите земји одат по ѓаволите“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ