Се разгледува можноста на пазарот да се пуштат 300 милиони барели од стратегиските резерви, во координација со Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
Самата шпекулација за таква мерка беше доволна донекаде да го забави растот на цените, но тие и понатаму се значително повисоки отколку на затворањето на пазарите во петокот, како и многу над нивото пред почетокот на конфликтот, пишува Би-би-си.
Тоа и не е изненадување, со оглед на тоа што милиони барели сурова нафта се блокирани во Персискиот Залив, додека повеќето земји во регионот во најдобар случај бележат забавување на производството, а во најлош целосно го запираат производството поради вонредни околности.
Триста милиони барели, меѓутоа, се огромно количество, вели Би-би-си. Тоа би било повеќе од двојно поголемо од досега најголемата интервенција, спроведена во април 2022 година, по руската инвазија врз Украина.
Стратегиските резерви досега биле користени само пет пати.
Ако оваа мерка биде усвоена, тоа би претставувало околу четвртина од вкупните резерви.
Сепак, ситуацијата има потенцијал да прерасне во најголемиот нафтен шок во историјата, оценува Би-би-си во својата анализа.
За споредба, 300 милиони барели одговараат на количество што покрива помалку од три дена глобална потрошувачка на нафта (околу 104 милиони барели дневно), односно приближно две недели вообичаен промет низ Ормускиот теснец.






