Би-би-си објави дека претседателот на јавниот сервис Самир Шах испратил лично писмо до Белата куќа во кое порачал дека тој и Би-би-си се извинуваат за монтажата на говорот кој Трамп го одржа пред неговите поддржувачи да го нападнат американски Капитол, додека Конгресот се подготвуваше да ја потврди победата на новоизбраниот претседател Џо Бајден на изборите во 2020 година.
Би-би-си напоменува дека нема планови за повторно емитување на документарецот во се споени делови од неговиот говор кажани со разлика од речиси еден час.
„Прифаќаме дека нашата монтажа ненамерно создаде впечаток дека прикажуваме еден континуиран дел од говорот, наместо фрагменти од различни делови од говорот, и дека остави погрешен впечаток дека претседателот Трамп директно повикал на насилни дејствија“, истакна Би-би-си.
Адвокатот на Трамп испрати писмо до Би-би-си барајќи извинување и се закани со тужба од милијарда долари за штетата која му ја нанел документарецот. Тој му даде рок на Би-би-си до утре.
Спорот избувна откако во емисијата Панорама на Би-би-си насловена „Трамп: Втора шанса?“, беше емитувано неколку дена пред претседателските избори во САД во 2024 година.
Продуцентската куќа која го направила филмот споила три цитати од два дела од говорот во 2021 година, кажани со разлика од речиси еден час, во навидум еден цитат во кој Трамп ги повика поддржувачите да маршираат со него и да „се борат како луди“.
Меѓу отстранетите делови е и оној во кој Трамп кажува дека сака неговите поддржувачи мирно да протестираат.
Генералниот директор Тим Дејви и водителката на вести Дебора Тернес поднесоа оставки во неделата, велејќи дека скандалот ѝ штети на Би-Би-Си. Извинувањето и повлекувањето дојдоа откако Би-Би-Си призна дека нивната програма „Newsnight“ за 2022 година, исто така, погрешно споила делови од говорот на Трамп.






