четврток, 5 март 2026

Би-би-си: Иранското училиште во кое беа убиени над 160 девојчиња било погодено повеќе пати

Анализа на сателитските снимки открила повеќекратни удари и траги од пожар околу училиштето во јужен Иран, што сугерира дека било погодено неколку пати во нападот за кој иранските власти соопштија дека загинале 168 лица минатата сабота. Потврдените видео снимки и сателитските фотографии покажуваат огромна штета околу основното училиште Шаџарех Тајебех во Минаб и соседниот комплекс на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), пишува Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иранските власти ги обвинија Соединетите Американски Држави и Израел за нападот, но ниту една земја не ја презеде одговорноста. Израел соопшти дека нема сознанија за какви било операции во областа, додека американскиот министер за одбрана Пит Хегсет кажа дека Вашингтон сè уште го истражува инцидентот и „никогаш нема да таргетира цивилни објекти“. Независната верификација на деталите е попречена од прекинот на интернетот во Иран.

Нападот, според иранските власти, се случил во саботата околу 10:45 часот по локално време. Видеата објавени на социјалните медиуми, чија автентичност е потврдена од Би-би-си, покажуваат паника веднаш по нападот. Тие прикажуваат семејства како врескаат додека луѓето ги пребаруваат урнатините за жртви. На некои видеа, луѓето покажуваат училишни чанти и книги на децата пред камерите.

На едно видео се гледа човек како трча во училишниот двор, од кој се гледаат четири столбови црн чад, од кои два се издигаат од горниот кат на училишната зграда. Ѕидови украсени со детски цртежи го одделуваат училишниот двор од воената база. На друго видео, снимено од возило во движење, се гледа влезот во комплексот на ИРГК и најмалку три столбови чад.

Локациите на столбовите чад на потврдените слики се совпаѓаат со местата на штета видливи на подоцнежните сателитски фотографии. Снимките направени подоцна во текот на денот покажаа значителна штета на училишната зграда, додека службите за итни случаи ги пребаруваат урнатините, а потресените членови на семејството шетаат низ дворот.

На едно од видеата, геолоцирано во близина на училиштето, може да се видат спасувачки екипи како наоѓаат отсечена рака на дете под урнатините, а меѓу остатоците се забележани и учебници и крвави ранци. Три дена по нападот, воздушните снимки покажаа уредно наредени редови од најмалку 100 обележани или свежо ископани гробови.

Бидејќи нема дополнителни снимки од терен или сведоштва од очевидци, сателитските фотографии се клучни за разбирање на настанот. Снимките направени од Планет лабс на 4 март, четири дена по инцидентот, откриваат широко распространето уништување.

Неколку згради во областа се делумно или целосно уништени, а најмалку пет згради се идентификувани со видливи кратери и црни траги од изгореници, што укажува на повеќекратни удари. Аналитичарот за муниција Н.Р. Џензен Џонс вели дека ова укажува на „повеќе истовремени или речиси истовремени удари“.

„Толку многу места на удар толку блиску една до друга сугерираат дека имало една или повеќе цели во непосредна близина“, вели Џамон Ван ден Хоек, аналитичар на сателитски снимки од Државниот универзитет во Орегон. „Се чини дека областа била намерно погодена, но не знаеме што имале намера да погодат“, додава тој.

Оз Смит, виш аналитичар во Мекензи интелиџенс сервисис, изјави за Би-би-си дека кратерот на приземјето од двокатната училишна зграда укажува дека можеби била користена специјализирана муниција за „пробивање на пониските нивоа“.

Училишната зграда се наоѓа веднаш до базата на иранската Револуционерна гарда. Сателитските снимки од 2013 година покажуваат дека училишната зграда била дел од истиот комплекс, пред да се изгради ѕидот во 2016 година за да ги раздели.

Иран тврди дека нападот го извршиле САД и Израел, но ниту една земја не ја презеде одговорноста. Израел изјави дека „нема сознанија“ за какви било израелски воени операции во областа, но дека го истражува инцидентот.

Во средата американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави за Би-би-си дека САД, исто така, сè уште го истражуваат инцидентот. „Ние, се разбира, никогаш не таргетираме цивилни цели, но го истражуваме ова“, додаде тој.

Без дополнителни снимки од остатоци од муницијата не е можно јасно да се утврди кој е одговорен. На социјалните мрежи беше споделена слика која ги поттикна тврдењата дека експлозијата била предизвикана од неуспешен проектил испукан од ИРГЦ, но се покажа дека е фотографија од неповрзан инцидент во Занџан, оддалечен повеќе од илјада километри.

„Малку е веројатно дека толку значителна штета од експлозијата е предизвикана од иранска ракета земја-воздух, бидејќи тие носат релативно мали експлозивни боеви глави“, вели Џенсен Џонс, директор на Службата за истражување на вооружувањето.

Иранските власти изјавија дека повеќето од 168-те убиени биле деца, но Би-би-си не можеле независно да ги потврдат тие детали преку достапните снимки. Исто така, не е јасно дали се убиени и членови на Револуционерната гарда. Според Министерството за образование на Иран, вкупно 264 ученици го посетувале училиштето.

Рачно напишан список со имиња на 56 лица наводно убиени во инцидентот беше објавен во иранските медиуми. Четириесет и осум имиња им припаѓаат на деца на возраст помеѓу шест и 11 години. Би-би-си не можеле независно да ги потврдат овие детали, но најмалку три имиња од списокот се појавуваат на ковчези во друга снимка. На фотографиите се гледа и нешто што изгледа како три деца во вреќи за тела.

Неколку дена подоцна, иранските државни медиуми емитуваа снимки од илјадници луѓе собрани на погребната поворка. На снимката се гледаат мажи како носат ковчези – некои со големина на деца – обвиткани со знамето на Исламската Република.

Полуофицијалната новинска агенција Тасним, поврзана со иранската Револуционерна гарда, објави дека 14 наставници биле убиени во нападот. Американската новинска агенција за човекови права Храна досега ја документирала смртта на 1.114 ирански цивили, вклучувајќи 183 деца, од почетокот на војната.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ