1. Можна е средба Путин-Зеленски?
Трамп објави дека го повикал Путин да почне со организирање разговори меѓу рускиот лидер и Зеленски.
Трамп рече дека по таа билатерална средба, ќе се одржи трилатерална средба на локација што ќе се утврди подоцна – Путин, Зеленски и претседателот на САД.
Помошникот на Путин подоцна потврди дека Трамп и рускиот лидер разговарале по телефон 40 минути.
Пред европските лидери да седнат со Трамп во Источната соба на Белата куќа, микрофонот сними муабет меѓу шефот на Белата куќа и францускиот претседател Емануел Макрон.
„Мислам дека (Путин) сака да склучи договор. Мислам дека тој сака да склучи договор за мене. Го сфаќате тоа? Колку и да звучи лудо“, му рече Трамп на Макрон.
Останува да се види дали Трамп ќе може да ги донесе непријателите на маса за прв пат откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Со месеци Зеленски притиска да се сретне со Путин, иако тоа веројатно беше начин да го докаже својот аргумент дека Русија не е сериозна во врска со мирот, бидејќи тој верува дека Кремљ нема интерес за таков состанок.
Москва постојано ја отфрлаше идејата за состанок меѓу Путин и Зеленски.
Јуриј Ушаков, помошник на Путин, вечерта на 18 август изјави дека „вреди да се истражи можноста за зголемување на нивото на претставниците“ на руската и украинската делегација во разговорите.
2. Европските лидери и Трамп не се согласуваат за прекинот на огнот
Трамп рече дека нема потреба од никаков прекин на огнот пред да се организираат разговори за завршување на војната.
Ова претходно беше клучно барање на Украина, која јасно стави до знаење дека прекинот на борбите го смета за предуслов за понатамошни разговори со Русија и, на крај, за долгорочно решение.
Договорот за прекин на огнот би можел да биде малку полесен за постигнување отколку целосниот мировен договор, за што би биле потребни многу месеци преговори, за време на кои војната би продолжила.
„Не знам дали тоа е неопходно“, рече Трамп за прекинот на огнот.
Но европските лидери се чини дека возвратија, а најсилната реакција дојде од германскиот канцелар Фридрих Мерц.
„Не можам да замислам дека следниот состанок би можел да се одржи без прекин на огнот“, рече Мерц. „Затоа, ајде да работиме на тоа и да се обидеме да извршиме притисок врз Русија.“
Запрашан за тоа, Зеленски не ги повтори своите претходни повици за прекин на огнот.
3. Трамп алудираше на безбедносни гаранции за Украина
Трамп му рече на Зеленски дека САД ќе помогнат во обезбедувањето безбедносни гаранции за Украина во секој договор за завршување на војната. Тој не прецизираше како би изгледало тоа.
Претседателот на САД не понуди американски војници на терен. Но кога новинарите го прашаа дали безбедносните гаранции на САД за Украина би можеле да вклучуваат какви било американски војници во земјата, Трамп не го исклучи тоа.
Тој рече дека Европа е „првата линија на одбрана“, но дека „Америка ќе биде вклучена“.
„Ние ќе им обезбедиме добра заштита“, рече американскиот претседател.
Тоа беше најрешителната изјава што Трамп ја даде досега за безбедносните гаранции, кои генерално се сметаат за најважни за кој било договор со Русија.
Тој исто така рече дека за време на состанокот на Алјаска минатата недела, Путин прифатил безбедносни гаранции за Украина како дел од идниот мировен договор.
На прес-конференцијата по состанокот во Вашингтон, Зеленски рече дека дел од безбедносната гаранција ќе вклучува договор за оружје од 90 милијарди долари меѓу САД и Украина.

Тој рече дека тоа ќе вклучува американско оружје што Украина го нема, вклучувајќи системи за воздушна одбрана, противракетни системи „и други работи што нема да ги откријам“.
Зеленски, исто така, рече дека САД ќе купат украински беспилотни летала, што ќе помогне во финансирањето на нивното домашно производство на беспилотни летала.
Украинскиот претседател им рече на новинарите дека безбедносните гаранции за Киев веројатно ќе бидат разработени во рок од 10 дена.
4. Зеленски тргна во офанзива на шарм
Со оглед на неговата жестока последна посета на Овалната соба во февруари, украинскиот претседател вложи значителни напори за да ги шармира своите американски домаќини – вклучително и со серија од шест „благодарам“ во првите неколку минути од состанокот.
Последниот пат кога беше во Белата куќа, Зеленски беше прекорен од потпретседателот Џ.Д. Венс за, како што рече, немање благодарност за поддршката на САД за Украина.
Овој пат, Зеленски носеше темен костум, наместо неговата вообичаена војничка облека, која минатиот пат предизвика потсмев од Трамп дека неговиот гостин e „многу дотеран денес“.
„Не ми се верува“, му рече Трамп на Зеленски, гледајќи го како излегува од својот автомобил пред Белата куќа во костум.
„Ми се допаѓа“, додаде Трамп.
Според Ен-би-си, британскиот премиер Кир Стармер претходно му советувал на Зеленски да облече палто пред да дојде во Белата куќа.
За време на одвоената средба меѓу Трамп и Зеленски, украинскиот претседател 16 пати му се заблагодарил на шефот на Белата куќа за неговите напори за постигнување мир.
Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, кој за време на средбата во февруари го критикуваше Зеленски за неговиот недостиг од благодарност, седеше спроти украинскиот лидер во текот на целата средба.
Овој пат, Венс беше дипломатски молчалив.
Зеленски, исто така, за време на состанокот се обиде да воспостави семејно пријателство, предавајќи му на својот домаќин писмо од украинската прва дама Олена Зеленска, за да ѝ биде предадено на првата дама на САД, Меланија Трамп.
„Не е за вас – за Вашата сопруга е“, му рече Зеленски на Трамп.
Еден новинар му рече на Зеленски дека сега дошол во костум, за разлика од состанокот во февруари.
„Јас се пресоблеков, но гледам дека ти си во истата облека“, му возврати Зеленски на американскиот новинар.
Европските лидери речиси се тркаа кој повеќе ќе му се додворува и ќе му се заблагодарува на Трамп за време на состанокот, кој се одржа пред новинарите.
Го облеваа со пофалби за неговата иницијатива во организирањето на состанокот, како и за неговите напори да се запре војната во Украина.
„Навистина сакам да Ви се заблагодарам за Вашето лидерство“, му рече Марк Руте, генералниот секретар на НАТО.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони рече дека иако претходно немало знаци дека Русија сака да се движи кон мир, „сега нешто се промени“, благодарение на Трамп.
И покрај топлите зборови, некои европски лидери се обидоа да укажат дека и тие се чувствуваат изложени на потенцијална руска агресија.
Францускиот претседател Емануел Макрон мрачно им рече на колегите лидери: „Кога зборуваме за безбедносни гаранции, зборуваме и за прашањето на безбедноста на европскиот континент“.






