Британскиот медиум разговарал со еден од првите странски туристи што ја посетиле Вонсан Калма.
Крајбрежната туристичка зона Вонсан Калма, отворена на 1 јули, беше претставена како клучен дел од амбициите на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун да го развие туризмот во земјата.
Пред отворањето, одморалиштето беше рекламирано како атракција и за домашни и за странски посетители, но веднаш потоа Северна Кореја соопшти дека на странците „привремено“ нема да им биде дозволено да го посетат — освен на туристите од Русија.
Досега таму престојувале две руски туристички групи, а во моментот таму е третата.
Би-би-си на руски разговарало со руска туристка што го посетила Вонсан Калма и која рекла дека „уживала во одмор без луѓе“ и дека „белиот песок секојдневно беше израмнет до совршенство“.
„Сè беше беспрекорно“
Анастасија Самсонова, 33-годишна директорка за човечки ресурси, била дел од првата руска туристичка група што престојувала во Вонсан Калма во јули.
„Секојдневно плажата се чистеше и совршено се порамнуваше. Сè беше беспрекорно“, рече таа.
„Лежалките беа апсолутно нови, сè беше совршено чисто. Влезот во морето беше многу благ, така што да, тоа беше една одлична плажа.“
Таа раскажа дека во почетокот „не беше јасно дали Русите воопшто ќе успеат да стигнат до крајбрежната туристичка зона“ поради „некои компликации со турата“.
Според првичната програма, туристите требало првиот ден да го поминат во Пјонгјанг разгледувајќи атракции како Триумфалната порта и Плоштадот Ким Ил Сунг, а потоа следниот ден да отпатуваат во одморалиштето.
Но, од непознати причини, биле задржани уште еден ден во Пјонгјанг и на крајот отпатувале за Вонсан со воз наместо со авион, како што било првично планирано.
Туристите успеале да ги убедат водичите да останат уште еден ден во морското одморалиште наместо да го поминат во Пјонгјанг, што им овозможило таму да поминат цели четири дена.
Турата ја организирала руската туристичка агенција Восток Интур, која нуди комплетни пакети (all-inclusive) за Северна Кореја.
Осумдневниот пакет вклучува туристички водич што зборува руски и сместување во хотел со четири ѕвезди.
Агенцијата од Владивосток рекла за Би-би-си дека сите туристи, без оглед на возраста и интересите, морале да учествуваат во екскурзиите и активностите официјално наведени во програмата на турата.
„Во споредба со другите земји, предност е што овде нема туристи.“
„На пример, ако одите во Тајланд — преполно е со луѓе од Москва. Искрено, тоа беше најфантастичната работа во врска со овој одмор“, вели Самсонова.
Некои руски медиуми го промовирале одморалиштето како единствено место за одмор со поглед кон полигон за тестирање ракети, но Самсонова рече дека не видела ништо од тоа.
„Ништо не видовме. Не лансираа ракети додека бевме таму.“
Таа, сепак, забележала дека се продавале играчки-ракети за по 40 долари, што предизвикало голема возбуда во групата.
Бројот на моделите на играчките укажувале дека се реплики на интерконтиненталната балистичка ракета Хвасонг-17.
„Ако имате само една опција за летување на море, подобро изберете проверени одморалишта, бидејќи овде сè уште е многу ‘сурово’ и не е од оној тип на одмор на кој се навикнати руските туристи. Но, ако сте уморни од Азија, Турција… и сакате нешто егзотично — тогаш ова е тоа“, напиша туристката Дарија на Инстаграм.
Туризам под контрола
Сателитските снимки и извештаите на руската федерална телевизија сугерираат дека одморалиштето вклучува и објекти како аквапарк и кино.
Сепак, првата група туристи немале пристап до нив, поминувајќи поголем дел од времето во хотелот и на плажата.
„Се будевме наутро и одевме на појадок. Но ако некој не сакаше, можеше да го прескокне. А потоа, 15 минути по појадокот, се собиравме и нè носеа на плажата со електрични возила. Имавме слободно време на плажата до ручек. За ручек нè собираа и нè носеа назад во хотелот да се пресоблечеме, а потоа или во ресторан или да јадеме во хотелот. Потоа можевте да одите на плажа, иако некои тоа не го правеа поради големата врелина и остануваа во хотелот“, раскажува Самсонова.
Таа додава дека плажите биле скоро празни, а севернокорејските посетители се појавувале само за викенди.
Нивната посета се совпаднала со посетата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во одморалиштето.
„На последниот ден дојдоа и некои севернокорејски деца, од спортски или здравствен камп, на возраст меѓу 10 и 14 години. Се капеа во морето со наставниците или инструкторите, кои ги учеа да пливаат. Не можевме да одолееме, па им се придруживме. Никој не нè запре – ги поздравивме, а едно девојче разговараше со мене на англиски и ме праша како сум“.
Руска туристичка група имала и припадник на обезбедување покрај водичот, според Самсонова.
„Го прашавме водичот зошто тоа е неопходно. Нивното објаснување беше дека локалното население воопшто не е навикнато на туристи. Кога ќе прошетавме по улица, нѐ гледаа изненадено затоа што земјата одамна е затворена. Водичите рекоа дека тоа е за да се спречат ситуации во кои имаме интеракција со локалните жители и ги преплашуваме“, раскажа таа.
Таа се присетува на еден инцидент кога локалните жители биле многу исплашени – на пример, кога чистачката тропнала на вратата на туристите, очигледно не очекувајќи никој да биде внатре.
Кога вратата се отворила, таа се исплашила и побегнала.
Санкции и сомнежи
Дури и граѓаните на Кина, главниот сојузник и економски партнер на Северна Кореја, моментално имаат проблеми да стигнат до одморалиштето, според Андреј Ланков, експерт за односите меѓу Северна Кореја и Русија и професор на Универзитетот Кукмин во Сеул.
„Сè до околу 2017–2018 година, раководството на Северна Кореја, иако со одредени резерви, се подготвуваше да се отвори кон светот. Планираше да воспостави контакти со странски држави, да привлече странски инвестиции и да започне заеднички проекти.“

„Постоеја надежи, но тие се урнаа под реалноста на санкциите. Санкциите формално беа воведени порано, но реално беа применети дури во периодот 2017–2019 година. Кога тоа се случи, стана јасно дека трговијата со надворешниот свет е тешко можна од причини што се целосно надвор од контрола на Северна Кореја“, вели Ланков.
Тој верува дека тоа го покренало поширокото прашање во земјата: зошто воопшто да се има работа со странци?
Според неговото мислење, Пјонгјанг намерно го ограничува бројот на туристите и строго го контролира нивното движење.
„Странците доаѓаат, судат за сè, започнуваат опасни разговори и ги покажуваат сопствените убаво облечени животи со различни електронски уреди. Луѓето би можеле да почнат да се прашуваат: ‘Како тоа, дури и без нашиот Голем водач, или неговиот син или ќерка, тие изгледаат како да живеат толку добро?’ И така, на крај, заклучокот беше: подобро да немаме ништо од тоа.“
Што опфаќа турата?
Претставници на агенцијата Восток интур за Би-би-си рекле дека во втората група туристи имало 20 луѓе, а третата група од 19 туристи престојувала од 18 до 25 август.
Претставниците рекле дека постои голем интерес за потенцијални тури во септември оваа година, но севернокорејската страна сè уште не се согласила за нив.
Отпрвин турите биле рекламирани за средината на септември, но подоцна биле отстранети од интернет-страниците.
Според интернет-страницата на Восток интур, осумдневната тура во комплетен аранжман вклучува туристички водич што зборува руски и три оброци дневно.
Распоредот вклучува „уживање во прекрасниот поглед“ од скијачкото одморалиште Масикрјонг, „шетање по улиците на Пјонгјанг“ и „вклучување во атмосферата на секојдневниот живот на Корејците“, како и посета на Споменикот на ослободувањето посветен на советските борци што загинале во борбите за одбрана на Корејскиот Полуостров од јапонските окупатори.
Турата исто така вклучува посета на продавница за сувенири.
Трошоците за сместување за две лица се околу 148.000 рубли по лице (1.500 евра), додека сместувањето за едно лице е 176.000 рубли (1.900 евра).
Дополнително, патниците мораат сами да организираат патување до Владивосток за да фатат лет до Пјонгјанг, поради што вкупните трошоци изнесуваат околу 200.000 рубли (2.100 евра) по лице.
Трошоците за турата се делумно плаќаат во рубли, а делумно во американски долари.
Пред почетокот на турата, делот со долари се плаќа во канцеларијата на Восток интур.
Одморот на плажа трае само четири дена.
Освен сувенири, практично нема други трошоци, според Самсонова.
Таа вели дека, покрај моделите на ракети, меѓу туристите биле популарни и корејски олимписки униформи.
Одмор со многу ограничувања
Самсонова додава дека одморот имал ограничувања, меѓу кои биле многу скапиот интернет, контрола на движењето и ограничени активности.
Водичите, на пример, им забранувале на туристите да фотографираат градилишта.
Сите програми во распоредот биле фиксни, без алтернативни паузи доколку севернокорејските власти не одлучат да ги променат.
Туризмот од Русија во Северна Кореја е во пораст, но останува скромен во споредба со други дестинации.
Податоците од руската Федерална служба за безбедност покажуваат дека во 2024 година околу 1.500 Руси патувале во Северна Кореја за туризам.
За споредба, повеќе од 6,7 милиони ги посетиле Турција, а скоро 1,9 милиони патувале во Кина.
Сепак, тие бројки се во пораст.
Во вториот квартал на 2025 година, скоро 3.000 Руси влегле во Северна Кореја (1.673 како туристи), што е ниво последен пат видено во 2011 година, пред воведувањето на туристичките ограничувања.
Северна Кореја последните години беше речиси целосно затворена за странски посетители со само неколку строго контролирани дозволени тури.

Вонсан Калма се смета не само за важен фактор во оживувањето на економското богатство на погодената економија на земјата под санкции, туку и како начин за зајакнување на врските со Русија – двете земји се зближија по воената поддршка на Пјонгјанг за војната на Москва во Украина.
Вонсан, град на источниот брег на Северна Кореја, е дом на некои од ракетните постројки во земјата и на голем поморски комплекс.
Тоа е и место каде што Ким поминал поголем дел од младоста, меѓу вилите за одмор што ѝ припаѓаат на елитата на оваа земја.
Новото крајбрежно одморалиште се протега четири километри, по чија должина се нанижани хотели, ресторани, трговски центри и аквапарк.
Има капацитет за сместување на околу 20.000 луѓе, според државните медиуми.
Сепак, откако започна изградбата на одморалиштето во 2018 година, разни групи за заштита на човековите права протестираа поради наводно малтретирање на работниците.
Тие укажуваат на извештаи за луѓе што биле принудувани да работат долги смени за да го завршат масивниот проект, под сурови услови и со неадекватен надомест.






