петок, 2 јануари 2026

Берни Сандерс: Геноцид е

„Вистината е, без разлика дали го нарекувате геноцид или етничко чистење или масовни злосторства или воени злосторства, патот пред нас е јасен. Ние, како Американци, мора да го прекинеме нашето соучесништво во колежот на палестинскиот народ“, напиша независниот сенатор од Вермонт, Евреин.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Независниот сенатор Берни Сандерс во средата изјави дека дејствијата на Израел во Газа претставуваат геноцид, што е првпат долгогодишниот сенатор и двократен претседателски кандидат да го употреби терминот за да го опише конфликтот.

„Сфаќам дека многу луѓе можеби не се согласуваат со овој заклучок“, рече Сандерс во колумна објавена на неговата веб-страница со наслов: „Геноцид е“. „Вистината е, без разлика дали го нарекувате геноцид или етничко чистење или масовни злосторства или воени злосторства, патот напред е јасен. Ние, како Американци, мора да го прекинеме нашето соучесништво во колежот на палестинскиот народ.“

Повикот на Сандерс за акција дојде кратко откако израелските сили започнаа копнена офанзива во градот Газа, најголемиот град во енклавата. Само минатата недела, ненадејниот израелски напад врз претставници на Хамас во Катар предизвика гнев во Белата куќа, а претседателот Доналд Трамп го критикуваше едностраниот маневар во објава на социјалните мрежи.

Сандерс ја критикуваше администрацијата на Трамп за нејзината поддршка на она што тој го нарече „политика на етничко чистење во Газа и Западниот Брег“ на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Откако го направија животот неподнослив преку бомбардирање и гладување, тие се залагаат за ‘доброволна’ миграција на Палестинците во соседните земји за да направат пат за изопачената визија на претседателот Трамп за ‘Ривиера на Блискиот Исток’“, напиша Сандерс.

Белата куќа не одговорила веднаш на барањето на Политико за коментар за критиките на Сандерс.

Независниот сенатор од Вермонт, еден од десетте еврејски сенатори, долго време го критикуваше Израел за неговата војна против Хамас со десеткување на палестинските цивили, која одзеде околу 64.000 палестински животи.

Во март 2024 година, неколку месеци по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври во јужен Израел што го предизвика конфликтот, Сандерс го повика тогашниот претседател Џо Бајден да престане да дава безусловна воена помош за блискоисточниот сојузник, изјавувајќи за Си-би-ес дека „Соединетите Американски Држави не можат да бидат соучесници во ова масовно колење деца“.

„Во текот на последните две години Израел не се бранеше од Хамас“, напиша тој во средата. „Наместо тоа, тој водеше тотална војна против целиот палестински народ“.

Сандерс само го засили својот притисок од почетокот на војната. Тој инсистираше на неколку резолуции во Сенатот за забрана на продажбата на оружје на Израел, што кулминираше со гласање во јули, на кое 26 демократи го поддржаа запирањето на трансферот на оружје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ