Белгиската министерка за азил и миграции го разгледува „секое можно решение“ за зголемување на бројот на илегалните мигранти што се протеруваат од Белгија, вклучително и изнајмување простор во затвори во странство за сместување странци-затвореници.
Во интервју за бриселски Јуроњуз, Анелин Ван Босајт вели дека Белгија, во рамките на мерките против миграцијата, сака да сместува странци-затвореници во странство и дека е отворена за партнерства со земјите од Западниот Балкан и пошироко.
Белгиската министерка неодамна престојувала во Албанија и на Косово со цел да ги испита можностите за изнајмување простор во затвори за сместување илегални мигранти осудени за кривични дела во Белгија.
„Го разгледуваме секое можно решение за зголемување на стапката на враќање. Тоа е една од можностите што ги разгледуваме со Министерството за правда“, рече Ван Босајт.
Таа појасни дека целта на разговорите со Албанија била сместување државјани на таа земја што се наоѓаат во белгиските затвори, додека на Косово белгиската влада сака да смести „луѓе што илегално престојуваат во Белгија и се наоѓаат во нејзините затвори“, без оглед на нивната националност.
Јуроњуз потсетува дека владата на Данска веќе експериментира со таков план, испраќајќи на Косово странци на кои им е наредено да ја напуштат земјата за таму да ја отслужат казната, па, како што се очекува, оттаму да бидат вратени во земјите на потекло.
Како што пишува бриселскиот портал, Западен Балкан се покажал како регион што треба да се разгледа за, како што тоа го опишува Европската Унија, „иновативни решенија“ за миграцијата.
Италија веќе минатата година ги отвори првите центри за притвор на мигранти во Албанија, но околу нив постојат правни дилеми и тие се критикувани од страна на бранителите на човековите права.
Ван Босајт истакна дека Белгија е отворена да истражи партнерства и надвор од Западен Балкан.
„Бевме таму (во Албанија и на Косово), разговаравме со надлежните министри, но можеби ќе има и други можности или земји“, изјави министерката. „Но, важно е да видиме каде можеме да сметаме на вакво решение“, додаде таа.
На прашањето дали Владата би разгледала слични решенија и за мигрантите што илегално престојуваат во Белгија, а не се осудени за кривични дела, Ван Босајт одговори дека Белгија би можела да ги испита можностите за нов договор на Европската Унија што би им овозможил на земјите членки да испраќаат мигранти во таканаречени „центри за враќање“ во земји надвор од Унијата.
Тој предлог, кој е дел од напорите на Европската Унија за забрзување на враќањето на илегалните мигранти, би можел да доведе до тоа лицата на кои им се одбиени барањата за азил да бидат испраќани во центри во земји со кои немаат никаква врска, но кои Унијата ги смета за безбедни.






