Признавањето на Палестина ќе биде формализирано само ако Хамас ги ослободи сите преостанати израелски заложници земени во нападот на 7 октомври 2023 година и ако милитантната група „веќе нема никаква улога во управувањето со Палестина“, кажа Превост.
Во меѓувреме, додаде тој, Белгија ќе воведе и „силни санкции“ врз израелската влада. Мерките вклучуваат забрана за увоз на производи од нелегални населби на палестинските територии, преглед на политиките за јавни набавки со израелските компании и ограничувања за конзуларна помош за Белгијците што живеат во нелегални населби.
Превост кажа дека двајца „екстремистички“ израелски министри, неколку „насилни доселеници“ и лидери на Хамас ќе бидат прогласени за непожелни личности во Белгија. Иако не ги именуваше министрите, веројатно станува збор за Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич, кои беа санкционирани од други земји, вклучително и Британија, поради обвинувања за поттикнување насилство врз Палестинците на Западниот Брег, објавува Политико.
„Не станува збор за санкционирање на израелскиот народ, туку за обезбедување дека нивната влада го почитува меѓународното и хуманитарното право и презема мерки за да се обиде да ја промени ситуацијата на терен“, кажа Превост.
Во меѓувреме, нова флотила за помош за Газа исплови од Џенова во неделата, а пристанишните работници предупредија дека ако се изгуби комуникацијата со бродовите, тие веднаш ќе ги блокираат сите пратки за Израел.
Бродовите ќе се приклучат на експедицијата Глобал Сумуд што тргна од Барселона во неделата во обид да достави хуманитарна помош низ израелската блокада.
Зборувајќи на митингот на пристаништата во Џенова, едно од најголемите европски пристаништа, пристаништен работник што го претставува синдикатот УСБ кажа дека ако комуникацијата со флотилата се изгуби „дури и само за 20 минути“, пристанишните работници веднаш ќе ги блокираат сите пратки за Израел, без оглед на нивната содржина.
„Околу средината на септември, овие бродови ќе пристигнат во близина на брегот на Газа. Ако го изгубиме контактот со нашите бродови, со нашите другари, дури и само за 20 минути, ќе ја затвориме цела Европа“, порача пристанишниот работник, чие видео кружеше на интернет и во италијанските медиуми, но кој не е идентификуван.
„Секоја година од 13 до 14.000 контејнери го напуштаат овој регион за Израел, ниту една шајка нема да излезе“, додаде тој.
Мисијата доаѓа во време кога Газа се соочува со продлабочување на хуманитарната катастрофа, а агенциите на ОН предупредуваат на глад низ целиот регион.






