Овој потег следи по експлозијата овој месец во синагога во Лиеж, која властите ја нарекоа антисемитски чин.
„Од денес ги враќаме војниците на улиците на Брисел и Антверпен затоа што безбедноста е фундаментално право“, објави вчера белгискиот министер за одбрана Тео Франкен на социјалната мрежа Икс.
Распоредувањето на војниците, организирано во соработка со федералната полиција, ќе ја гарантира безбедноста на местата каде што се собираат Евреите, вклучувајќи ги синагогите и училиштата, соопштија белгиските власти.
Антверпен „е повторно малку побезбеден… и еврејската заедница исто така. Велиме „не“ на антисемитизмот“, порача Франкен.
Дополнителните безбедносни мерки следат по палењето на синагога во Ротердам и експлозијата во еврејското училиште во Амстердам.
Холандската полиција уапси петмина осомничени на возраст од 17 до 19 години за нападот врз синагога во Ротердам.
Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Осло беше исто така цел на бомбашки напад претходно овој месец, што норвешките истражители го окарактеризираа како терористички чин. Никој не е повреден во нападите.
Портпаролот на белгиското Министерство за одбрана вчера соопшти дека војниците ќе бидат распоредени во три различни фази – прво во Брисел и Антверпен, а подоцна во Лиеж.
Застапниците за човекови права изразија загриженост за можни напади врз еврејските заедници низ целиот свет по почетокот на американско-израелската војна со Иран.
Четири амбулантни возила кои ѝ припаѓаат на организација на еврејската заедница во северен Лондон беа запалени во понеделникот.






