четврток, 8 јануари 2026

Белата куќа: Воената опција за добивање на Гренланд е секогаш на маса

Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот тим разговараат за можноста за добивање на Гренланд, а користењето на американската војска за постигнување на таа цел „секогаш е опција“, соопшти денес Белата куќа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Претседателот Трамп јасно даде до знаење дека стекнувањето на Гренланд е приоритет за национална безбедност за Соединетите Американски Држави и дека е клучно да се одвратат нашите противници во арктичкиот регион“, соопшти Белата куќа како одговор на прашање на Ројтерс.

„Претседателот и неговиот тим разговараат за низа опции за постигнување на оваа важна цел на надворешната политика и, секако, користењето на американската војска е секогаш опција достапна за врховниот командант“, се додава во соопштението.

Гренланд и данската влада претходно во вторник повикаа на итни разговори со Соединетите Американски Држави откако Трамп ги обнови барањата за анексија на арктичкиот остров, кој е автономна територија на Данска.

Нук и Копенхаген побараа итен состанок со државниот секретар на САД со цел, како што изјави министерката за надворешни работи на Гренланд Вивијан Мотцфелд, „да се разговара за значајните изјави на Соединетите Американски Држави во врска со Гренланд“. Мотцфелд го објави тоа на Фејсбук.

Претходно во текот на денот Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија и Обединетото Кралство објавија заедничка изјава во која изразија поддршка за Данска во однос на барањата на Трамп за Гренланд.

И нордиските министри за надворешни работи во заедничка изјава изјавија дека Данска и Гренланд треба да одлучуваат исклучиво за прашања што се однесуваат на Данска и Гренланд.

Данската премиерка Мете Фредериксен, која учествуваше на состанокот на коалицијата на спремните во Париз, ја поздрави оваа демонстрација на европска солидарност.

Гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен им се заблагодари на европските лидери за она што го нарече „недвосмислена поддршка“.

Гренланд постојано повторуваше дека не е на продажба и дека ќе одлучи за својата иднина.

Во последните денови Трамп и неговите соработници постојано ја изразуваа својата намера да го стават огромниот арктички остров со околу 57.000 жители под американското знаме.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ