Американскиот претседател ќе го „формализира укинувањето“ на одлуката од 2009 година, позната како „Одлука за загрозеност“ (Endangerment Finding), соопшти таа. Според неа, укинувањето ќе им овозможи на Американците да заштедат пари.
Овој потег, остро осуден од научниците и организациите за заштита на животната средина, би претставувал силен удар врз климатските политики на САД, кои се најголем историски придонесувач на емисиите што предизвикуваат глобално затоплување.
Одлуката, донесена во времето на Обама, утврдува дека шест гасови со ефект на стаклена градина се опасни за јавното здравје и затоа спаѓаат во категоријата загадувачи што ги регулира Агенцијата за заштита на животната средина (ЕПА). Таа отвори пат за низа федерални прописи за ограничување на емисиите, особено кај камионите и автомобилите што испуштаат јаглерод диоксид при согорување бензин.
Укинувањето би ги поништило ограничувањата за емисиите на возилата и би ѝ овозможило на администрацијата на Трамп да отповика и други регулативи, вклучително и оние што се однесуваат на електраните.
Администрацијата на Трамп, која отворено ја поддржува нафтената и јаглената индустрија, со месеци се обидува да ја поништи оваа одлука и прописите што произлегуваат од неа. Повеќе од 1.000 научници и експерти во јули предупредија дека научните докази за климатските промени предизвикани од човековата активност се недвосмислени и стануваат сè поалармантни.
Владата на САД, пак, ја минимизира улогата на човечката активност во климатските промени и тврди дека гасовите со ефект на стаклена градина не треба да се третираат како класични загадувачи, бидејќи нивните последици за здравјето се индиректни и глобални, а не локални.
Администрацијата смета и дека укинувањето на оваа одлука ќе придонесе за намалување на цените на новите автомобили, кои пораснаа по пандемијата на коронавирусот.






