Левит истакна дека Катар е „близок сојузник“ на Соединетите Американски Држави и дека Трамп „се чувствува многу лошо“ во врска со локацијата на нападот. Таа додаде дека претседателот работи „активно и решително“ за постигнување мир.
Според неа, по нападот, Трамп разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со емирот на Катар.
Израелскиот премиер Нетанјаху претходно потврди дека лично одобрил „хируршки прецизен удар“ врз лидерите на Хамас во Доха, а израелската армија и Шин бет објавија дека станува збор за заедничка операција против „врвното раководство“ на таа организација. Катар остро го осуди нападот, нарекувајќи го грубо кршење на меѓународното право, додека Хамас соопшти дека неговата преговарачка делегација преживеала, но шест лица се убиени во нападот, вклучувајќи го и синот на главниот преговарач Калил ал Хаја.






