четврток, 8 јануари 2026

Белата куќа: Купувањето на Гренланд е тема на активни разговори, Трамп е посветен на НАТО

Претседателот Доналд Трамп останува посветен на НАТО алијансата, иако тој и неговиот тим за национална безбедност се во активни дискусии за евентуално купување на Гренланд од страна на Соединетите Американски Држави, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп, кој долго време сака да го преземе Гренланд поради неговите минерални ресурси, ги зголеми тензиите со сојузниците на НАТО со тоа што не ја исклучи можноста за преземање на територијата со сила.

Гренланд, преку неговата врска со Данска, се смета за дел од НАТО, потсетува агенцијата Ројтерс.

„Сите опции се секогаш на маса за претседателот Трамп“, изјави Левит пред новинарите на брифингот во Белата куќа. „Првата опција на претседателот отсекогаш била дипломатијата“.

Левит изјави дека евентуалното преземање на Гренланд ќе им даде на САД поголема контрола врз арктичкиот регион и можност да се спротивстават на агресијата во стратегиски важната област.

„Претседателот беше многу отворен и јасен, и за вас и за светот, дека верува дека е во најдобар интерес на САД да ја одвратат руската и кинеската агресија во арктичкиот регион и затоа неговиот тим моментално дискутира како би можело да изгледа потенцијалното купување“, кажа таа.

Трамп претходно денес изјави дека САД ќе го поддржат НАТО и дека Русија и Кина се плашат од алијансата само додека САД се негова членка.

„Ние секогаш ќе бидеме тука за НАТО, дури и ако тие не се тука за нас“, напиша тој на социјалната мрежа Трут сошал.

Левит кажа дека не го слушнала Трамп да го доведува во прашање правото на Данска на Гренланд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ