Според документите до кои дошол Ројтерс групата, наречена Меѓуагенциска работна група за политизација, дејствува барем од мај и е составена од десетици службеници од Белата куќа, ФБИ, ЦИА, Кабинетот на директорот на националното разузнавање и од Одделите за правда, одбрана и внатрешна безбедност.
Фокс њуз го потврди постоењето на групата и објави изјава од директорката на националното разузнавање Тулси Габард, која кажа: „Ја формирав оваа работна група за да ја почнам важната работа на меѓуагенциска координација и одговорност под претседателот Трамп“.
Според Фокс, групата се состанува двапати неделно за да „споделува информации, да координира активности и да спроведува одлуки“. Еден од службениците со кои разговарал Ројтерс вели дека целта на групата е да се „бори против „длабоката држава“, термин што поддржувачите на Трамп го користат за да означат она што го сметаат за постојано пристрасна бирократија во рамките на федералната влада.
Меѓу оние за кои се дискутира во работната група се наведува дека се поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми, поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон, поранешниот главен медицински советник Ентони Фаучи, Хантер Бајден, син на поранешниот претседател Џо Бајден, и воени команданти кои ги спровеле задолжителните наредби за вакцинација на американскиот воен персонал против ковид-19.
Изворот додава дека групата истражува и службени лица вклучени во истрагата за наводното руско мешање во изборите во САД во 2016 година. Ројтерс вели дека идентификувал 39 лица поврзани со работната група, а според изворите, еден од водечките членови е адвокатот на министерството за правда, Ед Мартин.
Трамп, набрзо по неговата втора инаугурација на 20 јануари, потпиша извршна наредба со која му наложи на новиот генерален обвинител да соработува со други федерални агенции „за да идентификува и исправи минатите прекршоци поврзани со политизацијата на спроведувањето на законот и разузнавачката заедница“.
Пред да ја напушти Белата куќа претседателот Џо Бајден издаде серија превентивни помилувања, меѓу кои и на неговиот син Хантер Фаучи и републиканката Лиз Чејни, позната по нејзините критики кон Трамп.






