„Мислам дека владата е многу оптимистична“, изјави Кеаролин Ливит, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп и неговиот тим „работеа многу напорно на тоа прашање и искрено сакаат таа војна да заврши“.
„Уште вчера имаа многу продуктивни разговори со Украинците на Флорида, а сега специјалниот претставник Виткоф е на пат кон Русија“, објави портпаролката. Кремљ објави дека Виткоф, кој веќе неколку пати ја посети руската престолнина оваа година, ќе се сретне со Владимир Путин во среда.
Патувањето на претставникот на Трамп се одвива во време на силен притисок врз Киев да го прифати американскиот план за завршување на војната, пишува агенцијата Франс прес.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот француски колега Емануел Макрон разговараа со претставникот на Трамп и украинскиот преговарач Рустем Умеров во Париз, по американско-украинските разговори на Флорида во неделата.
Двете страни ги оценија разговорите како „продуктивни“, но американскиот државен секретар Марко Рубио предупреди дека „сè уште има работа што треба да се заврши“.






