недела, 6 април 2025

Бардела ги повика Французите да излезат на улица

Лидерот на крајната десница Жордан Бардела ги повика Французите да се соберат овој викенд за да протестираат против пресудата со која ѝ се забранува на Марин Лепен да се кандидира за јавна функција во следните пет години, откако беше прогласена за виновна за проневера на средства на Европската унија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пресудата изречена во понеделникот претставува катастрофален удар за Лепен, долгогодишната лидерка на партијата Национален собир (РН), која според анкетите беше фаворит за претседателските избори во 2027 година.

„Французите треба да бидат огорчени, а јас им велам: Бидете огорчени!“ изјави Бардела за радио Европа 1 и телевизијата Си њуз во однос на пресудата, за која лидерите на екстремната десница тврдат дека е пристрасна и недемократска. „Викендов ќе излеземе на улица“.

Бардела не даде повеќе детали, освен што рече дека ќе се делат флаери и ќе се организираат состаноци „ширум Франција“ и дека пратениците на РН ќе одржат прес-конференции во своите изборни единици. Партијата најави митинг во Париз во недела.

Во упориштето на Лепен, Хенин-Бомон во северна Франција, претставници на РН делеа флаери со слоганот: „Да ја спасиме демократијата. Да ја поддржиме Лепен!“, објави Ројтерс.

Во меѓувреме, редовната собраниска седница со прашања до Владата се претвори во жестока дебата за пресудата, при што РН ги повтори обвинувањата дека одлуката е политички мотивирана.

Марин Лепен претходно им кажа на пратениците на РН дека ја смета пресудата за „нуклеарна бомба“ што е поставена против неа од естаблишментот. Дури и кога ќе ја поднесе планираната жалба, забраната нема да биде суспендирана.

Покажувајќи одредена нелагодност за тоа како да се одговори на, како што го нарече весникот Фигаро „демократскиот земјотрес“, централнодесничарскиот премиер Франсоа Бајру рече во парламентот дека ја поддржува пресудата, но исто така истакна дека има прашања во однос на „веднаш ефективната“ забрана на Лепен да се кандидира.

„Според законот, секоја кривична пресуда со сериозни последици треба да биде предмет на жалба“, рече тој, додавајќи дека тој зборува како граѓанин, а не како премиер.

Бајру рече дека пратениците треба да го променат законот кој им дозволува на судиите веднаш да спроведат таква забрана ако тоа не им се допаѓа. Еден член на парламентот сојузник на РН, Ерик Сјоти, рече дека ќе го стори токму тоа.

Претседателот Емануел Макрон не даде јавна изјава.

И покрај гневот на крајната десница во Франција, Европа и пошироко, кои се обединети во осудувањето на, како што го нарекоа, судското пречекорување на овластувањата, анкетите покажаа дека мнозинството Французи ја поддржуваат пресудата.

Судијката што претседаваше со судењето во понеделникот, Бенедикт де Пертуи, рече дека Марин Лепен е „во самиот центар“ на шемата за незаконско присвојување на повеќе од четири милиони евра од фондовите на ЕУ.

Недостигот на каење кај Лепен и другите обвинети беше една од причините што го наведе судот веднаш да им забрани да се кандидираат за јавни функции, рече Де Пертуи.

Лепен е осудена и на четири години затвор, две години условно и две години домашен притвор, како и парична казна од 100.000 евра, но овие казни нема да бидат спроведени се додека не се завршат сите жалбени постапки. Жалбените процеси во Франција може да траат со месеци, па дури и со години.

Обвинетите се обвинети дека користеле средства од ЕУ за незаконско плаќање на партискиот персонал во Франција, вклучително и една од сестрите на Марин Лепен и други блиски соработници, наместо асистенти во Европскиот парламент. Тие ги отфрлија обвинувањата и тврдат дека средствата биле користени легитимно.

Бардела би можел да стане де факто кандидат на РН на изборите во 2027 година. Сепак, Лепен јасно стави до знаење дека сè уште не е подготвена да му ја предаде палката, велејќи во понеделникот: „Нема да дозволам вака да бидам елиминирана“. Бардела ја поддржа вчера.

Околу 57 отсто од испитаниците во анкетата на агенцијата Елабе за телевизијата БФМ изјавиле дека пресудата е оправдана со оглед на обвиненијата против Марин Лепен, додека 42 отсто веруваат дека таа е политички мотивирана.

Некои политичари, вклучително и поранешниот социјалистички претседател Франсоа Оланд, рекоа дека е важно да се почитува независноста на судството.

Во упориштето на РН, Енен-Бомон, реакциите на пресудата беа различни.

„Срамота, срамота затоа што ни требаше поинаков претседател, требаше РН да победи“, рече во понеделникот педесет и шестгодишниот жител Паскал Валковјак.

Неговата сограѓанка Изабел (60) рече: „Штета за неа. Мислам дека е добро што тоа се случи бидејќи правеше грешки“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ