сабота, 28 март 2026

Банката на Америка плаќа милиони поради Епстиновото злоставување

Банката на Америка се согласи да плати 72,5 милиони долари за да се нагоди во граѓанска тужба поднесена од жени што ја обвинија банката дека овозможила нивно сексуално злоставување од страна на Џефри Епстин, покажуваат судските списи објавени во петокот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Адвокатите на банката и на жените овој месец го известиле американскиот окружен судија Џед Ракоф на Менхетн дека постигнале „начелен договор за нагодба“, но тогаш условите на договорот не биле објавени, пишува Ројтерс https://www.reuters.com/world/bank-america-agrees-pay-725-million-settle-epstein-accusers-lawsuit-2026-03-27/.

„Иако остануваме при претходните изјави дадени во поднесоците во овој предмет, вклучително и тврдењето дека Банката на Америка не овозможувала кривични дела на сексуална трговија со луѓе, ова решение ни овозможува да го оставиме ова прашање зад нас и обезбедува дополнително затворање на ова поглавје за тужителките“, рече портпаролот на Банката на Америка во соопштение.

Во заеднички поднесок до судот, Дејвид Бојс и Бредли Едвардс, адвокати на тужителките, навеле дека нагодбата претставува најдобра опција за нивните клиентки, „имајќи предвид дека многу членки на групата претрпеле штета пред многу години и дека им е потребна финансиска помош сега“.

Адвокатите на тужителките би можеле да побараат до 30 отсто од износот на нагодбата, односно околу 21,8 милиони долари, на име адвокатски трошоци, според судските списи.

Нагодбата бара одобрување од судијата Ракоф. Судијата закажал рочиште за четврток за да го разгледа одобрувањето на договорот.

Предложената колективна тужба, поднесена во октомври од жена што го користи псевдонимот Џејн Доу, ја обвинува втората по големина американска банка дека ги игнорирала сомнителните финансиски трансакции поврзани со Епстин, и покрај „изобилството“ информации за неговите злосторства, затоа што профитот ѝ бил поважен од заштитата на жртвите.

Банката на Америка соопшти дека Џејн Доу само тврдела дека банката им обезбедувала рутински услуги на луѓе што во тоа време немале познати врски со Епстин, и дека секоја сугестија дека била подлабоко вмешана е „неоснована“.

Ракоф во јануари пресуди дека Банката на Америка мора да се соочи со тврдењата на Џејн Доу дека свесно имала корист од сексуалната трговија со луѓе на Епстин и дека го попречувала спроведувањето на федералниот Закон за заштита на жртвите од трговија со луѓе. Меѓу трансакциите на кои укажа Џејн Доу биле и уплати кон Епстин направени од милијардерот Леон Блек, коосновач на компанијата Аполо глобал менаџмент.

Блек се повлече од функцијата извршен директор на Аполо во 2021 година, откако една ревизија спроведена од надворешна адвокатска канцеларија утврди дека му платил на Епстин 158 милиони долари за даночно и имотно планирање.

Блек негираше каква било противправност и изјави дека не бил свесен за криминалното дејствување на Епстин.

Адвокатите на Џејн Доу поднеле тужби и против други наводни помагачи на сексуалната трговија со луѓе на Епстин, а во 2023 година постигнале нагодби од 290 милиони долари со ЏП Морган Чејс и 75 милиони долари со Дојче банк во име на неговите обвинителки.

Тие адвокати исто така се жалат на одлуката на Ракоф од јануари да ја отфрли сличната тужба што ја поднеле против Банк оф Њујорк Мелон.

Епстин почина во затворска ќелија на Менхетн во август 2019 година, додека чекаше судење за обвиненијата за сексуална трговија со луѓе. Неговата смрт официјално беше окарактеризирана како самоубиство од страна на судскиот медицинар во Њујорк.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ