недела, 14 декември 2025

Авион со 250 патници имал дефект на моторот: Принудно слетал во Русија (ВИДЕО)

Патнички авион на „Ер Чајна“, кој летал од лондонскиот аеродром Хитроу до Пекинг, утрово извршил принудно слетување во Русија поради дефект на моторот. Во авионот имало повеќе од 250 патници и членови на екипажот, пренесува Индипендент.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Авионот Боинг 777, кој полетал од Лондон во 22:43 часот синоќа, беше принуден да слета на аеродромот Нижневартовск во регионот Ханти-Мансијск во Русија. Според сервисот Флајтавер, авионот слетал околу 8:17 часот по локално време, односно околу пет и пол часа по полетувањето.

Руската агенција за цивилно воздухопловство Росавијација го потврди инцидентот.

„За време на летот од Лондон до Пекинг, екипажот на авионот Боинг 777-300 на Ер Чајна одлучи да слета на алтернативен аеродром во Русија“, се вели во соопштението. Како прелиминарна причина е наведен дефект на еден од моторите, пренесува Ројтерс.

Агенцијата додаде дека „Ер Чајна“ ќе испрати резервен авион во Нижневартовск за да можат патниците да го продолжат патувањето до Пекинг во текот на денот. Редовниот лет ЦА856 помеѓу Обединетото Кралство и кинеската престолнина трае нешто повеќе од девет часа.

Британското Министерство за надворешни работи (ФЦДО) во моментов ги советува своите граѓани да ги избегнуваат сите патувања во Русија поради безбедносните ризици поврзани со инвазијата на Украина. Сè уште не е познато колку британски државјани биле во авионот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ